Во Струга годинава по 16. пат се одржа света и торжествена Литија (Еордија) во чест на славниот Св. Георгиј Победоносец.
„Древноста на литијата, која навлегува во длабочината на вековите, сведочи за почитта на стружани кон Св. Георгиј. Тој е како еден вид патрон на градот. Самиот збор Еордија значи празнување. Тоа е древна манифестација, која на црковно народен начин ја изразувала побожноста на стружани и околното население кон Св. Георгиј.
Пред 16 години е возобновена и денеска претставува една уникатна манифестација во Македонија, која ги возвишува срцата на верните и на сите граѓани, бидејќи влегува и во културното наследство на државата.
Оваа литија како и претходните ја карактеризира присуството на чесните мошти на Св.Георгиј од манастирот во Рајчица, исто така неговата чудотворна икона од неговиот истоимен храм, овој прекрасен храм посветен на Св. Георгиј во градот Струга. Но и како надополнување, оваа година за прв пат го имаме присуството и благословот на иконата на Пресвета Богородица Гликофилуса, односно Слаткољубива,“ изјави архимандрит Кирил од Бигорски манастир.
Улиците на Струга беа преполни со народ, кој пристигна од сите краишта на Македонија, радосно учествувајќи во овој величествен настан кој е вознобовен по заложби на Епископ Антаниски Партениј, а на молба од отец Васко Голабоски, кој потекнува од старо струшко семејство.
Литијата беше предводена од церемонијално полициско возило, бидејќи Светиот Великомаченик Георгиј е небесен покровител на македонската полиција – на оние луѓе кои, без оглед на својата национална или верска припадност, секогаш се на своето место, со посветеност и трпение, чувајќи го мирот и безбедноста на граѓаните.
Меѓу полициското возило и поворката чекореше коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали според древни изворни модели. Оваа облека беше верна репродукција на војничката униформа од времето кога Свети Георгиј бил воен трибун во Римското Царство.
Во раката коњаникот држеше палмова гранка како симбол на мирот и на духовната победа. Тој служеше како едно сликовито сеќавање на светиот воин Георгиј, а воедно и како мирољубив најавувач и чувар на свештената поворка.
На чело на литијата стоеше брат од Бигорското братство, кој со клепалото ги исполнуваше улиците со звукот на покајание и на духовна будност. По него следуваа носачите на чесниот крст, рипидите, црковните знамиња, псалтите и братството од Бигорскиот манастир, како и градскиот дувачкиот оркестар на Скопје, кој со пригодни црковни композиции учествуваше во светото торжество.
Претходно во храмот на Св. Георгиј во Струга беше отслужена традиционалната ктиторска Вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше архиепископот г. г. Стефан, во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и епископот Антаниски Партениј.
Литијата заврши таму каде што и започна – во пространиот двор на храмот на Свети Георгиј Победоносец.
На самиот крај од струшката Еордија, во дворот на храмот, дувачкиот оркестар на град Скопје изведе почесен марш како благороден израз на народна чест и благодарност кон Светителот. Потоа следуваше културно-уметничкиот дел, како продолжение на свеченоста, на којшто настапија нашите чувари на народното богатство, членовите на КУД „Илинден“ од Струга и КУД „Бисер“ од Кичево.
Фото/bigorski.org.mk