44 студенти ќе имаат летна пракса во Општина Битола и јавните претпријатија

44 студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, избрани на јавниот повик за универзитетска летна пракса, објавен од Општина Битола во соработка со Центарот за кариера, алумни и доживотно учење при УКЛО, од денеска започнаа со работа.

„Овој проект, која се реализира по трет пат, годинава привлече најголем интерес досега, со рекорден број на избрани практиканти.

Летната пракса ќе се одвива во одделенијата на Општината и во јавните претпријатија, во текот на месеците јули, август и септември. За време на праксата, секој студент ќе има можност да работи еден месец и за тоа ќе добива месечен нето надоместок од 10.000 денари, обезбеден од буџетот на Општина Битола.

Целта на оваа иницијатива е стекнување практични вештини и искуство во реалниот сектор, што ќе им биде од значење на студентите во нивниот понатамошен професионален развој,“ информираат од Општина Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека со воведувањето на универзитетската летна пракса им се дава шанса на младите да бидат активни чинители во планирањето и спроведувањето на иницијативи.

„Ова не само што носи нови идеи и свежа енергија, туку создава и простор за напредок и заедничко градење на подобра иднина. Верувам дека токму преку знаењето, посветеноста и ентузијазмот на студентите, можеме заедно да придонесеме Битола да стане уште поубаво и попривлечно место за живеење. Ви посакувам многу успех во работата“, рече Коњановски, во своето обраќање пред студентите.

Фото: Општина Битола

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести