46-годишен маж од Конче убиен за време на лов

Маж на возраст од 46 години починал вчера, откако за време на лов во него од небрежност пукал друг ловџија.

Станува збор за Ј.П. (46) од селото Ракитец, Општина Конче, а како што информираа од полицијата, тој бил погоден во пределот на стомакот и раката.

За лицето кое пукало во него е поднесена кривична пријава за кривичното дело „убиство од небрежност“.

Во ловот учествувале 12 лица, кои биле приведени, а истите не поседувале дневни дозволи за лов.

На сите им се одземени ловечки пушки и муниција, а по целосно документирање на случајот за нив ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „незаконит лов“.

Приведени биле М.Б. (40) од селото Габревци, Љ.М. (64) од селото Долни Липовиќ, М.Д. (50) од селото Габревци, В.Р. (52) од Ракитец, М.М. (67) од Ракитец, С.Р. (34) од Ракитец, Г.Р. (69) од Ракитец, В.И. (48) од Ракитец, В.Н. (72) од Долни Липовиќ, Г.К. (51) од село Дедино и Ј.Б. (47) од Габревци.

– За време на ловот, во еден момент М.Б. од својата ловечка пушка од небрежност испукал еден истрел и го погодил Ј.П. во пределот на стомакот и раката, по што М.Ј. и Љ.М. го качиле повредениот во патничко возило и тргнале кон Итна медицинска помош Радовиш.

По пат ја известиле Итната медицинска помош и на место викано „Дедински Чаири”, атар на село Дедино, се сретнале со возилото на итната помош, каде што лекар констатирал смрт кај Ј.П., информираа од Министерството за внатрешни работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести