За на крајот на годината или почетокот на следната, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави големи промени во Владата и неговата партија.
Истите, како што рече денеска, ќе следат по редовниот Конгрес на партијата, кој ќе одржи на крајот на годината.
– Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам се тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот.
Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари, изјави Мицкоски.
Како што најави ќе ја санкционира, секоја “забеганост’ и ќе ги разреши сите оние кои “ќе не посрамотат како структура и како луѓе“.
-Примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените, кажа тој.
Кандидатите за градоначалници за престојните локални избори во октомври, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти во два циклуса, најави тој, а првиот ќе започне кон крајот на месецов по состаноци на Извршниот комитет и Централниот комитет на партијата.