ЕБОР, ЕУ и НЛБ Банка Скопје ја поддржуваат дигитализацијата на бизнисите во земјата

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди кредит од 2 милиони евра на НЛБ Банка АД Скопје во Македонија, наменет за финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) и нивните инвестиции во дигитални и зелени технологии, информираат од таму.

Кредитот е обезбеден од програмата Go Digital за Западен Балкан, која е поддржана од Европската Унија (ЕУ), и има за цел да привлече иновативност, конкурентност и одржлив раст во приватниот сектор.

Покрај кредитирањето, МСП ќе бидат поддржани со грантови во висина од 10 отсто од вредноста на кредитот и со техничка помош која ќе им помогне да ги идентификуваат и структуираат приоритетните инвестиции. Грантовите и техничката помош се финансирани од ЕУ.

МСП ќе можат да аплицираат за финансирање на широка палета на технологии и инвестициски решенија, почнувајќи од едноставно усвојување на автоматизирање и индустриски решенија во роботика, па сė до комплексни дигитални алатки за донесување на одлуки, како и генерирање на податоци и алатки за анализа, со што ќе придонесат за декарбонизацијата и генерирање на ефикасност.

„Поддршката на МСП во нивната дигитална и зелена транзиција е основна за зајакнување на конкурентноста и отпорноста на приватниот сектор.

Овој кредит ќе им помогне на МСП во Северна Македонија да ја искористат моќта на автоматизацијата и дигитализацијата, зголемувајќи им ја конкурентноста на локалните и меѓународните пазари,“ изјави Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Македонија.

Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, изјави дека малите и средни претпријатија се ‘рбетот на нашата економија.

„Поддржувајќи ја нивната транзиција кон почисти, поефикасни и дигитални бизнис модели, ние не само што инвестираме во нивната конкурентност, туку и во поотпорна економија подготвена за иднината. Веруваме дека преку оваа кредитна линија ќе им помогнеме на бизнисите да го намалат својот еколошки отпечаток, а воедно и да ја зголемат продуктивноста и пристапот до нови пазари,“ додаде Стојановски.

Михалис Рокас, Амбасадор на Европска Унија во Македонија, нагласи дека со овој наменски кредит се отвара можност за МСП да го подобрат работењето, да ја зајакнат продуктивноста и поттикнат иновативноста.

„Поддршката на дигиталната трансформација во бизнис сферата останува приорите на ЕУ, како дел од тековните иницијативи на Тимот Европа, преку Инвестициската програма за Западен Балкан, како и реформскиот и развојниот план. Ова значи обезбедување на доволно финансиски средства кои можат да ја поттикнат конкурентноста кај МСП во земјата и регионот,“ додаде тој.

Програмата Go Digital за Западен Балкан, се фокусира да ја поттикне продуктивноста и ефикасноста преку информатичко комуникациските технологии (ИКТ) во рационализација на работењето, автоматизирање на процесите, зголемување на ефикасноста, привлекување на поголема продажба, подобрување на корисничкото искуство, и зголемување на пристапот до пазари, кои придонесуваат за поттикнување на конкурентноста.

Преку поддршка на ЕУ фондовите, овие инвестиции ќе бидат согласно стандардите за зелена и одржлива економија, помагајќи им на бизнисите при имплементација на решенија кои се поеколошки и поконкурентни за пазарите на ЕУ. Поддршката на ЕУ изнесува ЕУР 27,6 милиони грант и техничка помош, обезбедена преку Инвестициска програма за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework – WBIF).

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Македонија. До денес има инвестирано 2,9 милијарди евра во различни сектори во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести