Мак Тенда е семејна компанија која е лидер на пазарот во производство на тенди: Школски пример од кој треба да се учи

Мак Тенда е семејна компанија чие што седиште е во тетовско Жилче, од каде што потекнува и нејзиниот сопственик и идеен творец Ване Тасевски.

Веќе 33 години главната дејност е производство на тенди, а се почнало во далечнната 1992 година, од лепење на циради во гаража, во куќата на Тасевски која се наоѓа во близина на погонот за производство.

Градена со 100 отстотен македонски капитал, стекнат преку вредните раце на Тасевски и неговите синови Дејан и Игор Тасевски. Многу малку кредити биле земени од банките, бидејќи како што Тасевски потенцира, со условите кои ги поставуваат, не се коректни кон средните и малите претпријатија кои што се столбот на македонската економија. Од друга страна, тоа што не бил задолжен во банките, го успорил неговиот развој кој бил постигнат исклучиво од она што било заработено и истото било повторно вложено, и така година по година, компанијата градена макотрпно.

Денес е прерасната во компанија која е водечка во производство на современи тенди, како за македонскиот пазар така и за странство. Приказната на Ване, едноставно е импресивна, а тој е човек од кого многу треба да се учи. И типичен пример, дека среќата ги следи храбрите, но и работливите.

Да работиш во Тетекс и да излезеш, во тоа време било луда работа

„Веднаш по завршувањето на средно училиште се вработив во Тетекс. Но и тогаш, додека работев за тие 11 години, работев приватно после работа, иако платата тогаш беше добра и добро се живееше со тие пари. Работевме и јас и сопругата, и тоа ни било доволно, солидно за живот. Но, не бев мирен, секогаш сакав повеќе.

Пробав многу работи, возев комбајн, работев ѕидарија, лепев плочки, работев водовод, сакав да увезам машина за бушење од Бугарија, но не ми дозволија, имав една неуспешна инвестиција во машина за пластика…Во 1991 година, веќе го загубив компасот, не знаев што да работам. Од 100 идеи, ниту една не можев да почнам. Знаев само дека треба да почнам бизнис кој не бара многу пари, бидејќи немав пари,“ ја започнува својата приказна Тасевски и продолжува:

„Во 1992 година, случајно испадна да почнам да работам со тенди. Зедов неплатен одмор од Тетекс и почнав да се интересирам за платната за тендите, пластиките, алатите, се што ми треба за изработка. И тогаш почна борбата. Не можев да купам ништо, немав пари. Почнав со 700 марки, 350 евра денешни. Да се почне бизнис со тие пари е смешна работа. Имаше еден доктор, ми се сожали и ми даде 2.000 марки на заем. Борба водев, битката не ја изгубив, војната ја добив.“

Вложувањето во опрема на прво место

На почетокот на бизнисот, Тасевски работел во гаража и во дворот на куќата во Жилче. Денес, недалеку од родната куќа каде што и почнал, се наоѓа огромен имот во негова сопственост, на кој е изграден погонот за производство од 4.000 метри квадратни. На него пишува Мак Тенда Since 1992. Ако на почетокот купувал како што вели „машинчиња за ова, машинчиња за она,“ денес во погонот има машини за секој процес од производството. Погонот не се доодува, машините не се добројуваат.

„Од 1992 до 2009 година ми беа пресвртни години. Во гаража со големина 4 на 2 имав маса на која кроев и лепев церада, а потоа и шиев. Со тек на време, во дворот најпрво изградивме една просторија од 10-20 квадрати, после некоја година изградивме друга просторија. Самиот земав мерки, набавував материјали, ги правев тендите, ги монтирав,“ се присетува Тасевски за почетоците.

Неговите синови Дејан и Игор и додека учеле основно и средно училиште, му помагале додека работел во гаражата. Откако подоцна целосно се вклучиле во бизнисот, работата на Ване му се олеснила.

„Кога синовите се вклучија во бизнисот, тогаш излегоа и нови современи модели на тенди, но и за тоа требаше многу пари и инвестиции. Парите што ги заработувавме не ги штедевме туку ги инвестирав во материјали и машини. Малку по малку, го комплетиравме денешното производство. Ми требаа долги години, бидејќи немав пари.

Тоа што не сакав да се задолжувам по банки, ме чинеше време, односно не можев да се развивам со брзо темпо. Колку сум имал, толку сум трошел. Колку сум имал, толку сум се развивал. Ги вложував  сопствените заработени средства. Немам искористено ниту еден денар од странски донации, грантови, субвенции.

Сум зел мали кредити, и сум ги сервисирал во најбрз можен рок. Земав кредити што не би влијаеле негативно на фирмата. Знам дека банките може да ми дадат и повеќе од што можам да платам, но не сакам да земам. Ставот мој е да не се задолжувам никому, и да бидам нула должник во секое време. И тоа сум го остварил. Не должам никому, мене ми должат,“ објаснува Тасевски.

Но, и покрај спорото темпо на развој, денес во погонот има машини за секој процес на производството, до финален производ. На тој начин се поекспедитивни во испораките и работата е поисплатлива.

„Инвестициите во машините ќе ги повратиме за 15 години, бидејќи ние работиме на долг рок. Сакаме оваа семјна фирма, која е единствена по производство на најсовремени тенди, да опстои со генерации,“ додава Тасевски.

Освојување на европскиот пазар со квалитет и брзина на испораките

Тендите на почетокот најмногу биле изработувани за домаќинства, но со текот на времето и барањата на пазарот, започнала и изработка на современи тенди за хотели, ресторани, кафеани…

„Ние се прилагодуваме на барањата на пазарот, следиме светски саеми, посетуваме фабрики, гледаме што е најбарано и најсоодветно за пазарот. Кога го донесоа Законот за пушење, мораше да се направат соодветни тенди посовремени, отпорни на ветер, дожд, да бидат изолирани. Пазарот тоа го побара, ние го следиме и го работиме. Денес правиме тенди со изолација, затвораме градини со стакла,“ објаснува нашиот соговорник.

Освен во Македонија, Мак Тенда во последните десетина години работи и во Австрија, Чешка, Германија, Швајцарија, Скандинавија.

Почетоците за работа во странство биле во Италија, каде што Тасевски монтирал  т.н желатин/најлон со кој затворале градини.

„Работев кај наши иселеници, кои во Италија отвораа ресторани. И денес работиме со нив. Но, во странство работат синовите, јас речиси воопшто,“ вели Тасевски.

Од соработката со странците најмногу научил дека бараат коректност, навременост во испораката и во сервисот.

„Имаме договори со хотелиерска компанија од Холандија, во Германија имаме договор со компанија што гради типски населби со згради, на кои терасите се изработуваат со перголи. За да склучиме договор со нив, главниот архитект и инженер дојдоа од Берлин во Жилче три пати, за да проверат како работиме и што работиме. Пред да го склучиме договорот со Холанѓаните, дојдоа седум луѓе кои имаат ланец на 1.000 хотели во Скандинавија. Секаде каде што треба тенди, ги правиме ние,“ додава Тасевски.

Во Македонија работат на проекти за изработка на тенди со големина од неколку стотици квадрати, главно во склоп на хотели за организација на свадби. Клиентите доаѓаат со нивни проекти или бараат од нив да им ги изработат.

„Хит по куќите се биоклиматски тенди, кои се затвораат со стакло имаат добра изолација и се доста цврсти и отпорни. Обичните перголи се за ресторани, за викендици, покривање на базени, домови. Сите ги произведуваме кај нас, земаме материјали кои сами ги преработуваме, и не зависиме од никој. Материјалите ги набавуваме од странство, многу малку имаме македонски производи,“ додава Тасевски.

33 години, отвора и затвора фирма

За разлика од пред 33 години, кога почнал сам денес во фирмата има 25 вработени  и по петмина стажанти.

„Има голем проблем со работници бидејќи не сакаат да работат и да имаат обврски. Младината не сака да стане во 6.30, за во 7 да е на работа,“ вели тој за проблемот со недостаток на работна сила.

Во однос на плановите за во иднина вели дека во нивна бранша нема планирање, едноставно ги следат иновациите и се прилагодуваат на барањата на пазарот.

„Најважно е да бидеш прва рака, ако прекупуваш тука не бива работа,“ заклучува Тасевски.

Иако во последните пет години, малку по малку се повлекува од компанијата сепак тој отвора и тој затвора. Секое утро доаѓа пред 7 и останува до 17 часот.

„Чисто од навика која ја стекнав за овие 33 години,“ додава тој.

Присетувајќи се на почетоците и шетајќи не до шоу румот, каде што ни ги презентираше најновите производи, вели дека ниту во сон не можел да замисли дека тендите ќе се командаат преку далечинско, преку кое, отвораше и затвораше алуминиумски кровови, спушташе и креваше стакло и зип завеси кои се најнов тренд.

Во текот на разговорот, жарот со кој зборуваше за бизнисот, ентузијазмот кој сѐ уште го држи оставаше впечаток дека тешко дека целосно ќе се повлече. Иако вели дека Мак Тенда може и без него, не кажа дали тој може без Мак Тенда.

По сѐ изгледа, не!

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести