На жешкиот скопски асфалт, но со битолски шмек беше промовирана книгата Од личност до маска-за новата „нормалност“ од Влатко Деловски. Љубителите на убавиот пишан збор дојдени од Битола, Бигорски манастир, Скопје се собраа пред ИЛИ ИЛИ, издавачот на оваа книга.
Деловски изрази благодарност кон нив, пред се поради нивниот селективен пристап во издаваштвото, за што сведочат авторите и книгите кои се издадени од оваа издавачка куќа.
„На тој начин ја градиме културната политика, многу важна во ова време, за тој однос кон културата кој што е водечки, пресуден и поважен од се,“ изјави Деловски.

Промоторот, проф.д-р Дејан Донев, за оваа книга меѓудругото ќе напише:
„Писанието освен што дијагностицира состојби, причини, но и длабоки последици од хиперпродукцијата на т.н „нови интелектуалци“, повикува и на запрашаност на каде сега, како понатаму во услови кога експертизата одумира, а етиката се сместува на „ѓубриштето на историјата“, но едновремено и нуди порака за читателот дека постои потенцијална перспектива доколку Личноста повторно стане цел, доколку наместо хоминизација, човекот се хуманизира.“
Во својата поздравна реч кон присутните, Донев ја потенцираше моќноста на книгата, која наизглед мала, во себе крие еден цел свет на анализа на факти, размисли, констатации, но и понуда на решенија.
„Мала моќна книга, која е полна со енергија како да отворате една сликовница која раскажува една бајка, но не обичните со прва, втора, трета страница па имате некој цртеж, туку онаа која што кога ја отворате се прави цел замок, има определена сценографија на самото дејство што се опишува внатре.
Така и оваа малечка но многу моќна книга, кога ја отворате на првите страници кога ќе почнете да ја читате па се до последната, ве обзема некоја чудна енергија да не можете да ја оставите, затоа што секој пасус намамува и ве влече на следниот, затоа што сте љубопитни да видите на каде оди размислата, а притоа потвдрувате дека да, како чиста констатација дека тоа е она што го живееме, тоа е таа новата реалност,“ вели Донев.

Тој подвлече дека по исчитувањето, во секој следен момент добивате дополнителна енергија како да се справите со таа нова „нормалност“, а притоа, не постои матрица за истото.
„Како да се справиш со истата, да најдеш дополнителна инфузија, и да не западнеш во некаква си социјална резигнација, туку да најдеш енергија додека си тука да се обидеш нешто да оправиш, не да поправиш. Да понудиш нови решенија, нови солуции, да гризеш за нив, да имаш енергија и да го посветиш животот на тоа. Да не се дојде во ситуација да се каже, јас сум еден од тие жртвеник, оние што ќе дојдат нека му ја мислат.
Во книгата се отвора еден нов универзум кој не само што констатира туку нуди и решенија, дава можност сами да се изборите за своето,“ додаде Донев.
Пишувајќи за новата „нормалност“ во современото општество, во кое навидум човекот е слободен, а по сите основи длабоко заробен, живеејќи под превезот на т.н слобода, Деловски ги детектира аномалиите на таа „слобода“.
„Ние се ослободивме од низа традиционални ограничувања, но станавме робови на новите институции. Се повеќе настојуваме да го изразиме сопствениот идентитет но, парадоксално како со допингот (постигнување без постигнување) тоа го правиме на начин кој најчесто станува израз на апстрактна не-личност, односно маска.
Во филозофска смисла убавината, заедно со вистината и добрината формираат тријада т.н фундаментални вредности. Но во наше време доброто или вистината, па и убавото се повеќе стануваат релативно, личен вкус или општо наметнато мислење,“ се вели во еден од пасусите во Од личност до маска-за новата „нормалност“.
И, е еден од оние пасуси, кои како што рече Донев, те тераат да поминеш на следниот.

На промоцијата посебна убавина ѝ даде и настапот на „Второ колено“, Дејан Петровиќ (Чапс) вокал и гитара и Пеце Трајковски (Брада) на перкусии и хармоника.
„Затоа што ако зборовите не Ве погодат — музиката ќе заврши работа,“ беше напишано во најавата за овој настан.
Но, погодија и едното и другото!
Фото/еМагазин.мк