Изминативе денови во заштитеното подрчајe Парк на природата „Езерани” во неколку пожари изгореа трска, сува вегетација, земјоделски насади и овоштарници, како и делови од мочуришниот предел, што доведе до уништување на природни живеалишта на животни, гнезда на птици и е нарушена биолошката рамнотежа.
Пожарите најверојатно се резултат на човечка негрижа или намерно подметнување и истите предизвикаа сериозно нарушување на природната рамнотежа на овој уникатен еко-систем.
Македонско еколошко друштво (МЕД) проценува дека пламените јазици прогоатале над 500 хектари површина.
Од таму информираа дека тимот предводен од Лазар Николов извршил детална анализа на состојбите на терен, при што било утврдено дека пожарот изгорел околу 200 хектари трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари на ливадски заедници, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на езерото.
„Нашите првични согледувања на терен се дека околу 50% од зафатените површини од шуми и овоштарници се целосно уништени. За да се добие перцепција за сериозноста на ситуацијата, можеме да истакнеме дека скоро половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра.
Сакаме да истакнаме дека Паркот на природа „Езерани“ е прогласено за заштитено подрачје од IV-та катергорија според Закон за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а според нашите согледувања „Езерани“ претставува национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава. Искрено жалиме за целата настаната штета која ја претрпе Преспа и се обврзуваме дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на подигање на јавната свест за значењето на природата,“ посочува Николов.
Од Паркот на природата „Езерани“ велат дека во годините наназад, во и околу паркот, се сведоци на предизвикани пожари од помали размери кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена, претставувајќи олеснителна околност при осмислување стратегии и тактики за брзо спречување на ширењето пожарите. Меѓутоа во ваков сушен период од годината, со толку многу лесно и брзо горлива вегетација, пожар од ваков интензитет и размери е незапаметен, посочуваат од таму.
Фото: МЕД