Како работела Комерцијална банка во првото полугодие

Во првите шест месеци од годинава Комерцијална банка АД Скопје остварила добивка од 2.960,1 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза.

Во истиот период лани Банката имаше добивка од 2.844,6 милиони денари, што претставува зголемување за 4,1%.

-Планираната бруто-добивка за првата половина од годинава е остварена со 114,9%, велат од таму.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1% пониска во однос на истиот период минатата година.

-Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот) и реализираните нето-загуби од тргување со ХВ, како и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.483,9 милиони денари и бележат благо намалување од 0,4% во однос на истиот период минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2025 година истите бележат мало зголемување од 1,1% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 101,3%.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,7%, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани, велат од таму.

Расходите по основ на камата се зголемени за 5,9% поради зголемените орочени депозити, споредено со истиот период минатата година, посочуваат од таму.

-Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена, од 3,88% на крајот од првото полугодие од минатата година, на 3,63% на 30.06.2025 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2025 година изнесуваат 620,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат мало зголемување од 1,5%. Планот за анализираниот период е остварен со 105,7%.

Нето-приходите од курсни разлики на 30.06.2025 година изнесуваат 217,0 милиони денари и бележат зголемување од 20,3% во однос на истиот период минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 137,3%, велат од таму.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 663,6 милиони денари и бележат намалување од 9,3% во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на помалку остварени приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 105,2%, велат од таму.

Оперативните расходи за периодот изнесуваат 1.203,5 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 1,4%, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 85,5%, посочуваат од таму.

-Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.06.2025 година изнесува 315,5 милиони денари и бележи намалување од 32,8% во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 469,4 милиони денари.

Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства во првата половина од 2025 година главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01. до 30.06.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колку пари чувале граѓаните и фирмите во Комерцијална банка во првото полугодие

И Комерцијална банка влегува во СЕПА системот

Колкав промет е остварен со акциите на Комерцијална, Алкалоид и на Стопанска банка Скопје во јуни

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести