Од денеска до 3. август Галичник Филм Фестивал 2025

Галичник Филм Фестивал го најавува своето шесто издание, кое ова лето ќе донесе 35 внимателно одбрани филмови од целиот свет во – Галичник.

Од 1 до 3. август, во срцето на планината Бистра, фестивалот ќе биде место на среќавање за автори и публика, за смели идеи и длабоки емоции, за традиција и современост. Оваа година, програмата ќе понуди филмови што го преиспитуваат светот, што допираат длабоко, што зборуваат гласно – и тивко.

„Галичник не е само локација – тоа е став, историја и инспирација што се прелива на големо платно,“ вели директорката на фестивалот, Јана Пауноска. „Горди сме што токму тука ги прикажуваме овие 35 филмови – на место каде што секој камен има приказна, а секој залез изгледа како последен кадар.“

Фестивалот годинава се случува без поддршка од Агенцијата на филм, но со огромна верба – во филмот, во местото, и во луѓето што не се откажуваат.

Галичник повторно станува филмска зона – меѓу камените куќи, ехото од “Тешкото”, и погледи што не се купуваат – благодарение на пријатели, фирми со слух и поддржувачи кои веруваат дека на културата не и треба дозвола за да постои.

Галичник Филм Фестивал продолжува да ја шири културата надвор од урбаните центри и да создава простор каде автентичниот авторски глас блеска. Во амбиентот на амфитеатарот кај Упија, под отвореното небо и меѓу старите дрвја, филмот оживува со посебна топлина и магична енергија.

Целосната програма е биде објавена на: galichnikfilmfestival.com.

„Галичник е филм што не престанува“. Ова лето, дојдете таму каде што филмот дише на чист воздух.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести