Располагаме со веродостојна документација и докази, велат од ДЗР за забелешките за користењето на службените возила од страна на „Охридски комуналец“

Директорот на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид, Сашо Најдески за Телевизија 24 негира одредени наоди утврдени од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), а кои се однесуваат на неправилности од страна на претпријатието во користењето на службените и приватните возила и градежните машини.

Дел од зебелешките на ревизорите се однесуваат на потрошувачката на горивото, како и за требување на резервни делови. Најдески ги негира овие наоди.

„Возилата кои се наведени како неисправни во извештајот, во моментот на користење на горивото биле во целосно исправна техничка состојба, а истото може да се потврди од потврда за технички прегледи: Сообраќајни дозволи, осигурителни полиси за истите, како и службени извештаи за користење на возилата во текот на 2023 година.

Наведените возила биле активно користени за извршување на работните задачи на претпријатието, за што има соодветна документација (од за нас нејасни причини стручниот ревизорски тим не ги зеде во предвид овие докази).

Исто така, потрошено е гориво на неевидентирани возила во материјална и сметководствена евиденција, односно станува збор за потрошено гориво за возила кои од страна на Општина Охрид се доделени во минатите години на користење на ЈП Охридски комуналец, што значи дека истите возила се дадени законски, а обврска е на ЈП “Охидски комуналец“ да ги користи, и за истите да обезбеди гориво,“ вели тој.

Во однос на изјавата на Најдески пак, од Државниот завод за ревизија велат дека преку својот ревизорски тим, располагаат со веродостојна документација и докази кои недвосмислено ги потврдуваат наодите во Конечниот ревизорски извештај.

„По писмено барање од ревизорскиот тим, надлежни лица од Одделението за експлоатација на возен парк при Секторот механизација на ЈП „Охридски комуналец“ – Охрид, електронски доставија официјална листа на неисправни возила за 2023 година.

Врз основа на оваа документација, беше извршена теренска проверка и фотографска евиденција за потврдување на состојбите.

Во однос на потрошувачката на 10.000 литри дизел гориво за возила кои не се евидентирани во деловните книги на претпријатието, укажуваме дека овие наоди не се однесуваат на возила кои во минатото биле доделени на користење од страна на Општина Охрид, како што е наведено во изјавата на директорот. Станува збор за други возила, за кои постојат јасни ревизорски докази.

Со цел објективно и транспарентно информирање, ДЗР ја објави листата на регистарски броеви на сите возила во кои е точено дизел гориво, вклучувајќи ги и оние кои се во неисправна состојба или не се евидентирани во сметководството на претпријатието. Оваа листа е составен дел од Одговорот на забелешки на нацрт извештајот, кој е составен дел од Конечниот ревизорски извештај,“ велат од ДЗР.

Што точно констатира извештајот?

Во извештајот ревизорите утврдиле дека во месечните прегледи за потрошувачка за 90% од возилата не се евидентира поминатата километража и просечната потрошувачка на гориво и истите се нецелосно пополнети и потпишани од магационерот и возачот.

„Ваквиот начин на прием, управување и издавање на залихата на гориво, како и признавање на трошоците по тој основ, без обезбедена соодветна поткрепувачка документација, укажува на ненаменско и нерационално користење на јавните средства,“ се вели во ревизорскиот извештај.

Ревизорите исто така утврдиле дека повеќе пати во кратки временски периоди се требувани исти резервни делови за исто возило.

„Извршените услуги за поправка и одржување на возилата не се поткрепени со соодветна документација, односно не се изготвуваат налози за требување на резервни делови и работни налози за извршениот сервис на возилата.

 Недостатокот на работните налози, во кои ќе се прецизира видот и количеството на употребените резервни делови, времетраењето на работата и бројот на извршителите, не овозможува да се определи дали се работи за дополнителни инвестициски вложувања кои ја зголемуваат набавната вредност на средството или за трошоци за тековно одржување. Поради наведеното не е можно да се потврди оправданоста и исплатливоста на потрошените резервни делови, како и следење на наменското и рационално користење на средствата,“ се додава во извештајот.

Фото: ДЗР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести