(Галерија) Реновирана Клиниката за урологија

Универзитетската клиника за урологија доби целосно реновирана болничка инфраструктура.

Целосно е реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300 илјади евра. Од оваа сума, 100 илјади евра се обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади преку донации, а останатите 100 илјади евра од сопствени средства на Клиниката.

Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух.

Особено значаен е и хуманиот гест на вработените од Клиниката, кои се откажале од субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари. Наместо тоа, Клиниката со овие средства купила две машини за перење алишта и 18 клима уреди за болничките соби.

Медицинската експертиза на Клиниката значително е зајакната и со воведувањето на три нови хируршки техники.

“Во последната година, започнавме да имплантираме артифициелни уринарни сфинктери и да вградуваме пенилни протези – ригидни и семиригидни, а во финална фаза е и имплементацијата на третата, високо специјализирана метода – сакрална неуромодулација“, рече директорот на Клиниката, д-р Башким Шабани.

Со тоа, Клиниката стана сертифициран центар за овие интервенции, кои досега беа достапни само во странство.

Покрај новите техники, Клиниката отвори и просторија за полуинтензивно лекување, опремена со монитори за следење на виталните параметри, во која ќе се третираат потешките пациенти.

По направена анализа за потребата од медицински персонал, неодамна во Клиниката беа вработени 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки, кои претходно беа ангажирани со договор на дело.

Наскоро започнува и реновирањето на Центарот за трансплантација на бубрези и Центарот за калкулоза. Во план е да се набави нов апарат за третман на камења на уринарниот тракт, а ќе се изгради и нова хируршка сала за ендоскопски интервенции. Целта е централизација на третманот на уринарните камења на едно место, каде пациентите ќе добијат најсовремени решенија, без да се упатуваат на другите клиники. 

Новиот Центар за трансплантација ќе располага и со просторија за дијализа, што ќе овозможи трансплантираните пациенти да останат во рамки на клиниката, без да се препраќаат до Клиниката за нефрологија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести