Се надевам на гласовите на граѓаните со отворен ум и срце, вели Ивановска за кандидатурата за градоначалничка

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска денеска и официјално ја објави својата кандидатура како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар.

Таа истакна дека ги очекува гласовите на граѓаните со отворен ум и срце, кои ќе препознаат чесно управување со општината, и кои во неа ќе препознаат личност што ќе се бори за интересот на граѓаните, а не за интересот на поединци и за профитот.

„Јас нема да дозволам детални урбанистички планови што не се усогласени со генералниот урбанистички план. Тоа се незаконски, сами знаете и сведоци сте, објектите кај „Холидеј ин“ се градат, Деталниот урбанистички план е незаконски и е во Обвинителство и сѐ уште не се постапува таму.

Она што мене ми е приоритет е дека дозволите за градење и воопшто плановите треба да бидат усогласени со стандардите, значи, оној стандард 3, 30, 300 ќе се борам да се воведе во нашата општината. Тоа значи дека секој кога ќе стане од прозор барем три дрва да види, по секој жител барем 30 квадрати да има зеленило и на 300 метри да има парк. Ние сме далеку од тоа, меѓутоа барем некако да се приближиме,“ вели Ивановска.

Таа потенцираше дека нејзината кампања ќе се базира на три столба.

„Првиот столб е одговорност, отчетност и транспаретност, бидејќи општината припаѓа на сите граѓани и секој граѓанин мора да знае како и кои политики се креират и го обликуваат неговиот живот. Вториот столб е инклузивност, бидејќи секој граѓанин е важен и неговата индивидуалност и креативност е важна за заедницата. Третиот столб е заедништво и солидарност, бидејќи веруваме во управување со вредности, а не управување водено со профит,“ рече Ивановска.

Од „Независни заедно“ рекоа дека платформата ќе биде отворена за сите независни групи кои ќе имаат желба да настапат на престојните локални избори.

„Во моментот во неа се три организации и се темели на вредности кои ние сите ги застапуваме, а тоа е децентрализирана демократија и учество на граѓаните, економска, социјална и еколошка одржливост, потоа правда, правичност и антикорупција, и секако, човекови вредности и достоинство за живење,“ рече Јана Белчева од „Шанса за Центар“, која е дел од оваа граѓанска платформа.

„Ние веќе сме искусни во работењето на локално ниво, искусни во Советот на Општина Центар и со нашето долгогодишно делување сме докажале дека неуморно се залагаме за вредностите за квалитетен живот за секој граѓанин во општината,“ додаде Белчева.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поранешната претседателка на Антикорупциска, Ивановска ќе се кандидира за градоначалничка на Општина Центар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести