(Фото) Kлучката кај Подмоље на автопатот Кичево-Охрид во функција од утре

Денеска или најдоцна до утре ќе биде биде пуштена во употреба клучката кај Подмоље на автопатот Кичево-Охрид.

Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски денеска изјави дека истата е приоритет, оти ги спојувува Охрид и Струга, но и Албанија и Македонија.

-Приоритет е завршување на пристапните патишта од Климештани до Охрид. Овој пат беше испроектиран без ниту еден излез и беше пат на кој не беше превиден ни еден потпатник, а сега има 16, рече тој, подвлекувајќи дека се решени имотно-правните односи и сите останати административни работи за оваа клучка.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајковски, пак информираше дека од Климештани до Охрид активно се работи скоро на секој метар.

-Се работи на натпатник кај ‘Св. Еразмо’ и почна да се асфалтира, потоа на Подмоље натпатникот, почна бетонски греди да се бетонираат. Се работи на пристапни патишта на Подмоље, Орвник и Горенци. Без нив овој пат нема да се пушти. Тие ќе се вклучуваат и исклучуваат на клучката кај Аеродромот, рече тој.

Рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид останува до крајот на следната година, а премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со Николоски и Трајковски, беше на увид на градежните работи на автопатот, информираше дека на истиот има и неколку свлечишта и дека се работи на стабилизирање на земјиштето.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести