Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25. август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10. издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25 до 27. август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27. август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и мобилната фестивалска апликација.
Промотивна објава