Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен ќе ја памети својата посета на Бугарија.
Хакиран авион
Прво поради тоа што авионот со кој завчера дојде во земјата едвај слетал, поради тоа што ја изгубил ГПС-навигацијата, па слетал рачно користејќи хартиени мапи, а претходно кружел над Пловдив повеќе од еден час, јавија светските агенции.
Оваа ГПС-блокирање, познато како „џеминг“ и „спуфинг“, го користат воените и разузнавачките служби за заштита на чувствителни локации.
Западните медиуми, но и преставници на Европската Унија за инцидентот ја обвинија Русија, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков демантираше дека Русија има врска со тоа.
Инцидентот е сериозен удар за бугарските служби, но и за целата Унија, и НАТО, имајќи предвид дека Бугарија е нивна членка.
Како што анализираат светските медиуми случајот покажува ранливост на Бугарија на хибридни напади врз критична инфраструктура, како што е цивилното воздухопловство, а недостатокот на превентивно откривање на ГПС пречки фрла сенка врз техничките способности на службите на земјата.
Ова е особено загрижувачко, бидејќи се однесува на авион со претседателот на ЕК, коментираат светските агенции.
Напад на автомобил
Вчера пак во бугарскиот град Сопот од страна на лидерот на проруската партија Преородба, Костадин Костадинов и негови следбенци, беше нападнат автомобил. Тие мислеа дека во него е Фон дер Лајен, која беше во посета на фабрика за муниција во градот.
Бугарија е еден од клучните европски добавувачи на воена опрема за Украина од почетокот на војната со Русија. Прво на советско оружје, а сега и на модерна артилерија и муниција од домашно производство.
Преородба пак е трета по големина партија во бугарскиот Парламент и има неколку европратеници во Европскиот парламент.
Костадинов, кој добро и е познат и на македонската јавност, поради неговите шовинистички изјави за Македонија и Македонците, и неговата партија во февруари годинава ја оштетија и зградата на ЕК во Софија.
Фото: Влада