Министерството за здравство и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денес потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги во јавните здравствени установи.
„Со овој документ се воспоставува рамка за заемна поддршка, која овозможува вклучување на медицински кадар од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во јавните здравствени институции, особено во ситуации на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања.
На состанокот со министерот за здравство, Азир Алиу, се разговараше за низа иницијативи за промена на Законот на здравствена заштита во интерес на граѓаните, посебно во интерес на згрижувањето на ургентите состојби, кои во моментот претставуваат организациски проблем во работењето на приватните болници.
На состанокот беше нагласен и реалниот проблем со недостаток на медицински кадар како причина за одложување на интервенции во јавното здравство, во момент кога во истите јавни институции здравствениот кадар пружа здравствена услуга во приватните болници, при што се создаваат долги листи на чекање,“ велат од „Аџибадем Систина“.
Според Меморандумот, Министерството за здравство се обврзува да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, КБ „Аџибадем Систина“ ќе обезбеди квалификуван здравствен кадар, кој ќе биде ангажиран согласно утврдените услови и највисоките професионални стандарди.
Треба да се додаде дека, докторите што денес работат во „Аџибадем Систина“, всушност потекнуваат од јавното здарвство.