По Полска, Русија го наруши воздушниот простор на уште една земја членка на НАТО – Естонија.
Три руски борбени авиони МиГ-31 влегле во воздушниот простор на земјата. Според естонската војска тие останале во естонскиот воздушен простор 12 минути во областа на островот Ваиндло без дозвола.
Според естонската војска авионите немале планови да летаат, а нивните транспондери биле исклучени.
„Во времето на нарушувањето на воздушниот простор, борбените авиони немаа двонасочна радио комуникација со естонската контрола на воздушниот сообраќај“, информираа од таму.
Владата на Естонија го активираше Член 4 на НАТО, кој бара задолжителен состанок на членовите на Алијансата, но не и на посериозниот Член 5.
Руското Министерство за одбрана пак негираше дека нивните авиони го нарушиле естонскиот воздушен простор. Од таму велат дека авионите биле на „редовен лет… во строга согласност со меѓународните прописи за воздушен простор“.
НАТО го осуди нарушувањето на воздушниот простор на Естонија од страна на Русија, и веднаш ги испрати италијански борбени авиони Ф025, кои се со седиште во Естонија.
НАТО соопшти и дека на почетокот на следната недела ќе одржи состанок на својот Северноатлантски совет – главното тело за донесување политички одлуки во рамките на НАТО, за да разговара за постапките на Русија.
Пред неколку денови два руски борбени авиони извршија ниско прелетување над полската нафтена платформа „Петробалтик“ во Балтичкото Море.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Руско МО/видео: Global News