(Галерија) „Како да сте на одмор“: 24 часа во комплексот „Diamond of Skopje“ на „Лимак“

еМагазин имаше ексклузивна можност да престојува 24 часа во дел од мултифункционалниот комплекс на турската групација „Лимак“, кој се состои од истоимениот хотел, 4 згради од по 20 ката и шопинг мол со дел со ресторани и кафулиња – Гурманска авенија.

Градина која ги спојува зградите

Последниве години во Скопје никнаа многу станбени комплекси, но никој нема градина во буквална смисла на зборот, на 4. кат, која спојува две згради.

Моето уживање во овој станбен комплекс започна баш таму. Истата се протега на простор од 5.500 метри квадратни, а во рамки на целиот комплекс има зелена површина од 11.000 метри квадратни.

Додека се шетате во градината, во која има и детски игралишта и клупи за седење, имате чувство како да сте во некој парк. Погледот кон Водно и други делови на Скопје го прави чувството уште поубаво.

За истата се грижи градинар на станбениот комплекс, ми раскажа фасилити менаџерот за зградите на „Лимак“ („Diamond Residences”), Димитар Џеков, кој работи овде три години.

Може и да џогирате пред врата

Освен што имате парк, што се вика пред врата, а кој може да го користат сите станари на зградите А и Б (на истиот принцип функционираат и другите две згради), на 4. кат имате и трим патека за џогирање од 450 метри.

Така што, нема на што да се „вадите“ ако Ве мрзи да одите до парк за да го направите тоа. Тука Ви и е и паркот и патеката. А мотивација лесно ќе добиете со погледите од сите страни.

Станарите на овој кат имаат и мали градини пред нивните станови, а цената на становите на овој кат е повисока и истата ја дефинира катот и погледот, ми објасни директорот за продажба на „Diamond Residences”, Селим Јазиџилароглу, кој многу добро ја познава Македонија (од тука му е и сопругата), а на оваа позиција е шест месеци.

Треба да спомнам и дека и двете станбени кули на 8. и 13. кат имаат дополнителни заеднички, поголеми тераси, кои може да ги користат сите станари, за што ќе посакаат.

Да не заборавам, што мене ми е многу важно, овој комплекс е pet friendly, така што и секојдневното шетање на куче е многу лесно. Како што веќе кажав – паркот Ви е дома.

Никогаш досадно: Караоке, јога, пилатес, плеј стејшен, домашно кино...

Освен што имате чувство дека престојувате во некој луксузен хотел, овој станбен комплекс е уникатен и по уште неколку работи, кои се наоѓаат во т.н. Д+ зона.

Ако не сакате да џогирате, може во посебна просторија (која можете да ја изнајмите) да вежбате пилатес, јога или нешто слично, во друга со пријателите да играте плеј стејшен, во трета да гледате филмови, во четврта да си организирате со другарите караоке.

Сите простории се со звучна изолација, па слободно можете да „лудувате“.

Јас го испробав караокето. Снимка од мојот настап нормално нема да биде објавена. Добра звучеше само музиката.

24 часа сервис за помош

Во рамки на станбениот комплекс 24 часа функционира сервис за помош, што во денешно време кога мајстор понекогаш не може да се најде и под дрво и под камен, и те како е пожелна услуга.

Да ги спомнам и пријатните рецепционери, кои ве пречекуваат на влезот од зградите, и се тука за сѐ што ви треба.

Апартмани како во хотел

Како што ми објасни Џеков, во станбениот комплекс функционира хотелски противпожарен систем, а такво е и секојдневното живеење овде.

Сторијата во комплексот на „Лимак“ ја правев неколку часа откако се вратив во Скопје од одмор, па на моменти немав чувство дека сум се вратил дома, туку дека сѐ уште сум на некое убаво место на одмор. Добро, да бидеме реални, фалеше само морето.

Во истите има што би рекле ние Македонците и „од пиле млеко“. Така и се продаваат. Од мебел за кујна, до аспиратор, рерна и плотна за готвење и одлична топлинска изолација.

Имав ксмет да преспијам на деветти кат со прекрасен поглед на повеќе делови на градот, па не морам да објаснувам дека поголемиот дел од мојот престој таму „висев“ на тераса.

А погледот, кога е во прашање недвижен имот, е тоа што се бара. Секако и локацијата, а таа во овој случај е идеална. Строг центар на градот.

Морам да споменам уште еден многу битен момент за мене, а верувам и за многумина, становите имаат одлична изолација, што не е случај со многу нови станови во градот, на што и се жалаат најмногу од моите познаници кои купиле станови во нови градби. Така што, нема да ги слушате комшиите кога се расправаат или одат во WC.

Многу од становите во комплексот се изнајмуваат од сопствениците, што е одлична можност за заработка. Локацијата и квалитетот ќе Ви овозможат да си „играте“ со цената.

И рестораните и кафулињата ви се пред врата

Дали преку ден на кафе, попладне на ручек или навечер на пијачка или вечера, пред врата ви е и Гурманската авенија. Јас лично, секогаш кога престојувам овде, немам чувство дека сум во хаотично и архитектонски чудното Скопје. Повеќе сум љубител на модерна архитектура, а токму таков е и овој дел од комплексот „Diamond of Skopje“.

Откако го изгледав „Good fortune“, во домашното кино, кој планирав да го гледам од поодамна, (без пуканки, на диета сум после одморот), седнав на ручек во Гурманската авенија. Морам да го пофалам персоналот, а да не правам муабет за храната.

Јадев прекрасна салата со рукола, ореви и калинка, а разните специјалитети што се нудат овде се „ммм“, како што би рекла Андријана Алачки.

Пред врата и на шопинг

Уште една работа што го прави овој комплекс уникатен е тоа што пред врата имате и шопинг мол – „Дајмонд мол“ со сѐ и сешто.

Нормално се пуштив и во шопинг, баш сега се најдобрите попусти.

Имате на располагање дури 150 продавници на 48.000 метри квадратни. Колку и да сте пребирливи, сигурно ќе си најдете нешто.

Како да си купиш стан?

Од она што го видов, се заинтересирав какви се условите за да се купи стан. Се распрашав каде можам да добијам повеќе информации и ме упатија во продажната канцеларија, која е лоцирана во рамки на комплексот. Таму ми ги објаснија различните можности за плаќање, но и опциите за инвестирање во станбениот комплекс.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести