Започнувајќи од утре (7. октомври) , граѓаните и компаниите во Македонија ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, информираат од Народна банка.
-Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји, велат од таму.
Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7. октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку НЛБ банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, Прокредит банка АД Скопје, ТТК банка АД Скопје, УНИ Банка АД Скопје и Централна кооперативна банка АД Скопје.
Останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие девет банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 евра кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 денари наспроти 1.600 денари колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство.
За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 денари наспроти 280 денари преку кореспондентното банкарство.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 евра, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 денари наспроти 4.740 денари преку кореспондентното банкарство.
За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 денари наспроти 1.180 денари преку кореспондентното банкарство.