На денешното рочиште за предметот познат како „Онкологија 2“, одбраната на Нино Васев побара неговиот затворски да биде заменет со куќен притвор со гаранција или со одземање на пасош, со образложение дека двата предмети кои се водат против него се обемни и дека условите во затвор не дозволуваат соодветна подготовка на одбраната.
Во овој случај освен Васев, како поранешен медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, обвинет е и економски директор на Клиниката, Нехад Нухи.
Тие се обвинети за несовесно работење и финансиски криминал, а на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се сослушуваа сведоци предложени од Основното јавно обвинителството Скопје.
На рочиштето вработена во аптеката на Клиниката за онкологија, потврди дека за време на директорскиот мандат на Васев, тој се потпишувал на документи за испорака на лекови преку т.н. условен буџет, односно пред завршување на јавните набавки.
Друг сведок, шалтерска работничка, рече дека потписот на Васев стоел на сите извештаи за лекови од условниот буџет.
Според одбраната на Васев пак овие сведочења само потврдуваат дека Клиниката работела според закон, дури и во услови кога биле правени набавки на реверс, бидејќи се работело за итни случаи и терапија за најтешко болните пациенти.
Васев и Нухи се наоѓаат во притвор во затворот Скопје. И двајцата негираат вина.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Славица Наумовска-Јосифовска, а застапник на обвинението е Ана Гоговска-Јакимовска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во ќелија на Нино Васев пронајдени три мобилни телефони
Условна казна за докторката Мери Пешевска за случајот „Онкологија“