Син ми не е криминалец, беше измамен, вели таткото на 21-годишниот Сипковски, кој загина во експлозија на бомба во Белград

На Фејсбук се огласи Дејан Сипковски, таткото на 21-годишниот Мартин Сипковски, кој според српските медиуми загина пред неколку денови во Белград, Србија, откако нестручно активирал бомба, во стан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

21-годишниот Сипковски, поранешен македонски ракометар и модел загина во експлозија на бомба во Белград

Тој вели дека неговиот син, кој беше студент на Факултетот за менаџмент, манекен и поранешен ракометар на Вардар бил “млад човек со многу енергија, големи соништа и надежи за иднината“.

-Мартин е мој син, син на мојата сопруга Кристина, брат на сестрата Весница. Мартин е внук, братучед, другар, дечко…

За жал, неговиот живот беше прекинат на многу трагичен и неразјаснет начин.

Во јавноста се појавија бројни шпекулации и неточни информации дека Мартин бил поврзан со поставување експлозив. Сакам јавно и одговорно да кажам дека тоа не е вистина!

Мојот син беше бунтовен, како и многу млади луѓе во тие години. Имаше детски и пубертетски грешки, но никогаш не бил насилен човек и никогаш не би одзел туѓ живот. Имаше судири со законот, но никогаш поврзани со тежок криминал, пишува тој.

Тој потврдува дека неговиот син бил во домашен притвор. Сипковски заврши во притвор поради обид за убиство, за што и беше осуден, но пресудата не беше правосилна.

-Мартин беше цела една година во домашен притвор во Македонија, во нашиот дом, во рамки на истрага која од самиот почеток беше сомнителна, бидејќи сите докази укажуваат дека тој воопшто не бил присутен на местото на настанот.

Особено е важно да се нагласи дека Мартин не беше првообвинет во случајот. Под сомнителни околности, подоцна беше вклучен во процесот, иако првообвинетиот одамна е избеган во Белград и не живее во Македонија. Според достапни информации, првообвинетиот има сериозно криминално досие.

Нашето семејство смета дека ваквиот тек на настаните е длабоко неправеден и бара сериозни одговори како и зошто Мартин бил вовлечен во нешто со што немал никаква вистинска поврзаност.

Мартин беше длабоко исплашен и разочаран од пресудата, бидејќи на семејството и нему му беше јасно дека таа не беше оправдана. Тоа го разочара од системот и општеството, и го направи да се чувствува изолирано и неспособен да најде вистинска заштита или правда.

Семејството очекуваше дека со жалбата што ја поднесовме, Мартин ќе биде ослободен, бидејќи немаше конкретни докази против него. Но, пред тоа да се случи, тој замина во Белград — исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв.

Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија, со лажни ветувања дека подоцна ќе може да замине во трета држава.

Затоа бараме целосна, темелна и објективна истрага, не само од надлежните органи во Србија, туку и од институциите во Македонија. Вистината мора да се открие до крај и да се расчисти секој чекор што довел до оваа трагедија.

Свестен сум дека вистината секогаш има повеќе гледишта — но едно е сигурно: Мартин не беше сторител, туку жртва на околности и манипулации кои го надминале неговото искуство и возраста, пишува тој.

Упатува и апел до медиумите, “особено оние што некритички пренесуваат вести од Србија, да покажат одговорност, човечност и професионалност, и да ја пренесат оваа вест точно, објективно и со почит кон семејството“.

-Разбирам дека медиумите живеат од читања и кликови, но зад тие наслови стои едно скршено семејство и млада ќерка од 17 години, која ги чита сите тие објави. Ние, како родители, знаеме дека тоа што се пишува не е вистина. Пишувањето без проверка не само што ја нарушува вистината, туку и ја продлабочува болката на сите што изгубиле нешто највредно.

Нашето семејство останува скршено од болка, но решено да се бори за вистината за Мартин. Тоа му го должиме на нему, на неговото име и на неговиот мир, а и на самите себе си, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

21-годишниот Македонец Сипковски, кој загина од експлозија на бомба во Белград, во Македонија имал “дебело“ криминално досие

Дали Македонецот Сипковски кој загина при експлозија на бомба во Белград е уште еден пропуст на македонските инстутуции?

Фото: Фејсбук/Сипковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести