(Фото) Петтиот ден на FWSK31: Од булинг до убавина, модата како јазик на промена

31.издание на Fashion Weekend Skopje powered by UniBank во петтиот ден ја претвори салата на Diamond Mall – Carat во сцена каде модата зборуваше за дизајн, свест и етика. Од разговорите за прифаќање и различност до ревиите што го слават модниот дизајн, вечерта покажа дека модата не е само облека, таа е јазик на вредности и културна промена.

Денот започна со панелот „Fashion Freedom – Stop the Bullying“, организиран од SIEC – Social Innovation and Entrepreneurship Center, во соработка со Македонската модна асоцијација, Меѓаши, Greener Association, Нова интернационална школа, Средното текстилно училиште „Партиенија Зографски“, Peace Corps и Белгиската стопанска комора.

Модериран од Билјана Дуковска (Greener Association), панелот отвори важна општествена тема: како изгледот и стилот можат да бидат израз на слобода, но и причина за дискриминација. Говорниците понудија повеќеслојни перспективи.

Логан Димитри Хислет од интернационалното училиште Нова зборуваше за потребата младите да ја препознаат различноста како вредност, а не како пречка.

Елена Цветковиќ и Елизабета Клинчаревска Младеновска ги споделија своите родителски искуства, потсетувајќи дека семејството е првиот простор на прифаќање.

Олгица Тренеска и Катерина Димитровска (Luna Aditeya) зборуваа за својата мотивација да промовираат редизајнирана и втора рака мода, и покрај предрасудите што сè уште постојат.

Хилде де Саделиер од Белгиската стопанска комора ја отвори темата за инклузивност во корпоративниот свет, а Џеки, волонтерка на Peace Corps, сподели примери од американските училишта каде дрес-кодовите се прилагодуваат на културните и родовите идентитети.

Панелот го заокружи Маја Велковска од Меѓаши, која ја претстави ALO BUSAVKO SOS линијата, повикувајќи на зголемена поддршка за младите кои се соочуваат со булинг. Заклучокот беше јасен: модата може да биде јазик на прифаќање и мост меѓу различностите.

Веднаш по панелот следеше U-DESIGN ревијата, организирана од SIEC во соработка со Нова интернационалното училиште и Средното текстилно училиште „Партиенија Зографски“.

Колекцијата „Re:Design the Decades“ ги оживеа децениите од 50-тите до 90-тите години преку редизајнирана и рециклирана облека — доказ дека втората рака може да биде првиот чекор кон етичка и одржлива иднина.

Од ретро елеганцијата на Олгица, преку уметничкиот бунт на 70-тите што го оживеа Ивана, до гринџ-енергијата и бохо стилот на младите дизајнери, ревијата ја претвори идејата за рециклирање во вистинско модно движење.

Со учество на ученици, волонтери и млади дизајнери, U-DESIGN стана ревија со порака и заедница со визија.

По дневниот блок, вечерниот дел донесе четири ревии што го обединија личното, културното и уметничкото во една универзална модна приказна.

Со колекцијата „VESTIGE”, дизајнерката Ева Таневска ја претвори модата во поетска археологија на чувствата. Во нејзиниот визуелен јазик, ткаенините се сеќавања, а кроевите се како тивки исповеди. Капутите и костумите, во тонови на тула, бетон и сина фармерка, се симбол на сила, додека органзата открива нежност и ранливост. „VESTIGE“ е приказна за она што останува, убавината на трагот и моќта на преживувањето.

Српската дизајнерка Ана Ивковиќ (Anu Handmade) ја продолжи вечерта со колекцијата “Mila”, минималистичка и емотивна ода на женственоста и традицијата. Изработена од 100% памук и автентично српско платно, „Mila“ ја слави едноставноста, удобноста и природната убавина на секоја жена. Во свет каде модата често бара внимание, оваа колекција го врати мирот како највисок облик на елеганција.

Son of Salome ја претстави својата F/W 25/26 колекција „The Fourteenth Day“ — поетски чин на љубов, тишина и прочистување. Десет силуети, изработени со прецизност и контраст, ја раскажаа приказната за болката што се претвора во убавина. Волна, тул и рачно обележани ткаенини создадоа естетика на спротивности — распаѓање и преродба, тежина и леснотија, темнина и светлина. Колекцијата беше поддржана од Министерството за култура и туризам.

Вечерта ја заокружи Олгица Ѓорѓиева, со колекција “THE NOW” што ја потврди силата на индивидуалниот потпис и интимниот пристап кон формата.

Со силуети што балансираат меѓу структура и поетика, Ѓорѓиева уште еднаш покажа дека македонскиот дизајн може да биде истовремено личен, женствен и глобално релевантен.

Петтиот ден на Fashion Weekend Skopje 31 powere by UNIBank беше мост меѓу младите и искусните, уметноста и општеството, модата и одговорноста. Од панелите за самоприфаќање до ревиите што ги претвораат спомените, традицијата и чувството во форма, вечерта потсети дека модата не е само изглед, туку огледало на општеството.

Програмата на 31. Fashion Weekend Skopje продолжува и во следните три денови со акцент на уметноста, занаетот и општествената свест. Изложба „Fashion & Craftsmanship“, која ја слави врската меѓу традиционалните техники и современиот дизајн, а на 4 ноември следи модната аукција „Носи ја промената“, под покровителство на Амбасадата на Република Франција, во организација на КОНЕКТ и FWSK.

Fashion Weekend Skopje ќе заврши на 5. ноември со јасна порака: модата не е само прашање на изглед, туку и на став. Таа е култура и одговорност, иновација и соработка што го обликува општеството на иднината.

Фото: Ѓоргји Ристоски

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести