Истрага за корупција во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој, во која се осомничени пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата, Илија Стоилев, ги стопираше парите од ИПАРД 3 програмата.
Додека не заврши истрагата нема да се знае судбината на овие пари кои се многу важни за развој на македонското земјоделство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Колку пари може да изгуби Македонија поради скандалот со парите од ИПАРД 3 програмата
Што е ИПАРД
Македонија кога се случи корупцискиот скандал, кој е причината за стопирање на овие пари, користеше средства од ИПАРД (Инструмент за претпристапна помош за рурален развој) 3 програмата, која трае од 2021 до 2027 година.
За овој период Македонија можеше да користи 128 милиони евра, од кои 97 милиони се од ЕУ, а остатокот е од државниот буџет.
Станува збор за програма за претпристапна поддршка на руралниот развој, односно грантови што земјите-кандидати ги користат за да ги модернизираат земјоделството и прехранбената индустрија и да се приближат до заедничката земјоделска политика на Европската унија (ЕУ).
Се работи за пари кои се даваат за нова механизација, штали и ладилници, преработувачки капацитети, стандарди за квалитет и безбедност на храна, енергетска ефикасност, советодавни услуги и локални стратегии.
Со овие пари кои Македонија ги добива од Европската комисија (ЕК) управува Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој.
За истите се аплицира преку Агенцијата преку јавни повици, со јасни критериуми и контролен механизам од ЕУ.
Зошто е важна оваа програма
Пред се начинот на искористување на оваа програма е класичен тест за институционалната зрелост на земјата кандидат.
За земјоделство е важно затоа што го менува профилот на производството – од раситнети парцели и стар инвентар треба да го однесе кон продуктивни, конкурентни стопанства со европски стандарди (HACCP, следливост, ветеринарно-хигиенски норми).
Исто така за земјоделците отвора нови пазари. Подобрен квалитет и сертификација значат полесен извоз во ЕУ.
И секако бидејќи парите се условени со правила, (што е битно за земји како нашата) – секое еврo следи јасна трага, што ги јакне управувачките капацитети и ја приближува земјата кон членство во ЕУ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Поради истрагата за корупција, привремено стопирана исплатата на средства од ИПАРД 3 програмата














