Истрагата која Обвинителството во Милано, Италија, ја отвори за странците кои наводно доаѓале во Сараево, Босна и Херцеговина, додека градот од периодот од 1992 до 1995 година беше под опасада, за да убиваат од задоволство цивили, на површина исфрли нови морничави детали.
Како што веќе пишувавме истата е отворена по пријава на новинарот и романсиер Ецио Гавацени, заедно со адвокатите Никола Бригида и поранешниот судија Гидо Салвини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Според пријавата на Гавацени, како што пренесуваат италијанските медиуми, групи Италијанци и други странски “ентузијасти за оружје“ се собирале во Трст за “викенд-патувања“ и биле префрлани со југословенската/српската авиокомпанија Авиогенекс до позиции околу Сараево.
Таму наводно им плаќале на српско-босанските милиции лојални на тогашниот лидер Радован Караџиќ, подоцна осуден за геноцид и злосторства против човештвото, за да пукаат врз цивили.
Весникот La Repubblica објави дека учесниците плаќале и до 100.000 евра за да учествуваат во тие “експедиции“, а Гавацени тврди дека им била давана „ценовна листа“ за целите, при што децата биле најскапи, потоа мажите, жените, а најстарите можеле да се убијат бесплатно.
Во пријавата од 17 страници, Гавацени ја ставил и изјавата на поранешниот офицер на босанската воена разузнавачка служба, Едис Субашиќ, кој тврди дека во 1994 година ја информирал Италијанската разузнавачка служба СИСМИ (сега АИСИ), дека Италијанци од Трст одат во Сараево за да учествуваат во пукањето.
Според Субашиќ, СИСМИ подоцна го информирал дека ги „прекинала“ патувањата.
Друг сведок наведен во пријавата идентификувал тројца италијански мажи од Милано, Торино и Трст, кои сега се под истрага. Еден од нив, наводно бил сопственик на приватна клиника во Милано, и учествувал во пукања во 1993 година.
Поранешната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Карич, исто така доставила документи до Обвинителството во Милано за „богати странци вклучени во нечовечки активности“.
Истражителите веруваат дека српските разузнавачки служби биле запознаени со “патувањата“. Сведочењето на Субашиќ укажува дека користењето на авиокомпанијата покажува вмешаност на српската Државна безбедност, иако Србија негира каква било улога.
Учеството на странци во пукањата врз Сараево е документирано и претходно. Документарниот филм “Sarajevo Safari“ од 2022 година, на режисерот Миран Зупанич, тврди дека богати посетители од неколку земји, меѓу кои и САД и Русија учествувале во овие нечовечки активности.
Во 2007 година и поранешниот американски маринец, Џон Џордан, сведочеше пред Хашкиот трибунал дека „туристи-стрелци“ дејствувале во Сараево.
Фото: Унсплеш/видео: New York Post














