На 16.11.2025, по претходно добиени оперативни сознанија, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции и Одделот за криминалистичка полиција, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), спроведоа координирана полициска операција за сузбивање на криминална група инволвирана во вршење на кривично дело криумчарење мигранти, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
-Имено, при преземање на мерките, во место викано Ресуљка во близина на граничната линија помеѓу Македонија и Србија беа откриени два импровизирани кампови во кои се пронајдени осум илегални мигранти, од кои двајца од Пакистан и шест од Авганистан, меѓу кои и две деца.
Истиот ден, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до ОЈО за ГОКК, поднесе кривична пријава против З.Х. (20), Џ.Д. (31), В.Х.(34), А.Ш.(37) и 15-годишник, сите од Авганистан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Криумчарење мигранти“ по член 418 -а и 418-б од Кривичниот законик.
Имено, пријавените во неколку наврати прифатиле, во улога на водичи илегално пренеле и засолниле група од илегални мигранти од Грција до камповите. Откако ги сместувале во импровизираните кампови, З.Х. и Џ.Д. со употреба на сила и закана од лицата изнудувале парични средства со цел да им овозможат нивно понатамошно префрлување на територија на Србија, а со крајна дестинација земјите од Европската унија, велат од таму.













