Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информираа дека минималните месечни трошоци потребни за егзистенција на едно четиричлено семејство во ноември изнесувале 65.173 денари.
Оваа сума претставува намалување од 371 денар во споредба со октомври, кога за минимални трошоци беа потребни 65.544 денари.
Доколку семејството изнајмува стан од 60 квадратни метри, вкупните минимални месечни трошоци се искачуваат на 80.548 денари.
Најголем дел од сумата во кошницата отпаѓа на основните потреби – храна и домување. За ставката храна и пијалаци на семејствата им се потребни 23.534 денари, додека за подмирување на режиските трошоци треба да одвојат 6.130 денари.
Останатиот дел од сумата ги покрива трошоците за превоз, облека, здравје, хигиена, култура и образование.
Фото: Унсплеш













