Во Тирана, Албанија, вчера беше отворена канцеларија на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“.
На отварањето беше и премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван со генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на партијата, Жаклина Пешевска.



На отварањето, како што информираа од партијата, Мицкоски ја поздравил можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, во рамки на кој здружено и слободно работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, но и подвлекол дека таквата можност ја немаат Македонците во пиринскиот дел на Бугарија.
-Македонците во пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат. Во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следува ќе дојдеме до таа цел, рекол тој.
Мицкоски денеска во Тирана ќе учествува на самитот на лидери, „Нашиот план до ЕУ“.
Фото: Мицкоски/Фејсбук













