Владимир Перев (80), поранешен новинар и публицист, припадник на бугарската заедница во Македонија, бил вербално и физички нападнат во маркет во Скопје.
Инцидентот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи, од каде велат дека истиот се случил на 21. ноември во маркет во Општина Центар.
Нападот Перев го опиша во колумна објавена на порталот Трибуна.мк, во која меѓудругото вели дека бил нападнат од маж на околу 40 години, прво вербално, а потоа и физички, со кој заедно чекал ред пред каса.
Тврди дека мажот му ги скршил и очилата откако го удрил, по што на напаѓачот вербално му се спротивставиле двајца помлади мажи.
Перев освен во полиција, инцидентот го пријавил и во бугарската Амбасада, а вели и дека лично разговарал и со бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој му понудил институционална помош.
Реагираше и бугарското Министерството за надворешни работи, кое го осуди „уште едниот чин на насилство и омраза против Бугарин во Северна Македонија, поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика“.
Бугарија очекува надлежните органи во земјава да преземат ефикасни мерки за истрага на случајот, оценувајќи го како „тест за спроведување на законот и пристапот на државата кон злосторствата од омраза“.














