По промоциите на универзитетите во Мадрид, Париз, Задар, Бања Лука и Скопје, колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи, вчера беше претставена и на Универзитетот во Загреб.
Ова капитално дело веќе е во фондот на загрепските библиотеки и ќе биде дел од наставата на загрепскиот Филозофски факултет. Како што беше истакнато од предавачите по македонистика на Универзитетот во Загреб на претставувањето на оваа монографија пред загрепските студенти, таа ќе биде појдовна точка и цврста основа за натамошни истражувања на новите генерации хрватски македонисти од загрепската Катедра за македонски јазик и книжевност.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ пред загрепските млади македонисти ја претставија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамките на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ што втора година по ред ја организира македонското културно друштво „Охридски бисер“, под раководство на Ивана Брезовец.
Тие срдечно беа пречекани од професорот Ивица Баковиќ и лекторката Борјана Прошев-Оливер, коишто искажаа исклучително афирмативни оцени за изданието. Мојсова-Чепишевска и Антоновски се осврнаа на содржината на изданието, концептот и структурата, како и на предизвиците при истражувањето и подготовката на монографијата.
Во рамките на средбата, одделно внимание беше посветено и на знаменитиот македонскиот поет Раде Силјан, во чијашто чест годинава и се одржува манифестацијата, со посебен акцент на централниот настан што денес ќе се одржи во Загреб – по повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на првата поетска книга. Од вчера, за загрепските македонисти се достапни и изборот од неговата поезија „Лажно време“ и книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ што издавачот „Дијалог“ ги објави по повод двата значајни јубилеи.
Инаку, колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е наменета за странската читателска публика и во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.
Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска и професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
Денес, активностите во Загреб ќе продолжат со големо чествување на творештвото на Раде Силјан, еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век.





Промотивна објава














