На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната на обвинетиот Гроздан Милковски, сопственикот на објектот во кој работеше т.н. дискотека, кажа дека тој незнаел дека газдата на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, истиот ќе го преадаптира во кабаре/дискотека.
Според неговата адвокатка Лидија Ристовска, Милковски не учествувал во градежните активности и не дал согласност за адаптација на внатрешниот простор. Според неа не постоел ниту еден доказ за делото за кое се товари.
Адвокатот на обвинетиот Тодор Јованов, кој е брат на Дејан Јованов, пак кажа дека тој немал својство на одговорно лице во правното лице и немал надлежност за проверка на влезот и излезот во објектот и дека само продавал карти.
Бранителот на обвинетиот Митко Стојанов, директор на „МММ кафе“, фирмата која беше сопственик на „Пулс“, и една од обвинетите правни лица, Благоја Јованов, кажа обвинението против неговиот клиент било неосновано и дека нема директна причинско-последична врска меѓу неговите постапки и пожарот.
Адвокатот на обвинетата Милка Едровска, проектант во фирмата “Венци проект“ ДООЕЛ Кочани, една од трите обвинети правни лица, Димче Ристов, пак кажа дека таа била ангажирана само за изработка на сообраќајно решение за паркинг места, а не за комплетен проект. Таа пак кажа дека при увид на лице место констатирала дека магацинскиот објект е адаптиран во дискотека, но тоа не било нејзина одговорност.
Според Ристов и фирмата немала никаква врска со пожарот. Според одбраната на фирмата, документот што таа го издала во 2012 година бил со важност од шест месеци, а се користел 10 години.
Судењето треба да продолжи на 4. декември со воведен збор на одбраната на останатите обвинети.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДНК и институциите биле виновни за пожарот во „Пулс“, кажа одбраната на газдата на т.н. дискотека
Никој од обвинетите за трагедијата во Кочани не чувствува вина
Фото: Игор Бансколиев














