Нема ниту еден факт против Николчо Илијев, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани

Од одбраната на еден од обвинетите тројца поранешни градоначалници на Општина Кочани, Николчо Илијев, на денешното рочиште посочија дека нема ниту еден факт против него и дека тој постапувал според законот и прописите и не ја злоупотребил својата позиција.

Неговиот адвокат Синиша Станковиќ, меѓу друго рече дека истрагата за случајот била нецелосна, дека никој никогаш не го известил неговиот клиент за т.н. дискотека/кабаре, дека немал контакт со сопственикот, дека Советот на општината никогаш не бил известен за измена на Деталниот урбанистички план за предметниот објект и дека никакви контакти за објект немал ниту додека бил, ниту откако му престанал мандатот.

Илијев, кој беше градоначалник на Општина Кочани во периодот од 2017 до 2021 година, како што кажа неговиот адвокат, во пожарот во „Пулс“ загубил роднини и пријатели и побара Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против него.

Освен Илијев, во случајот се обвинети и поранешните градоначалници на Општина Кочани, Љупчо Папазов и Ратко Димитровски.

Тие според Обвинението на Основното јавно обвинителство се обвинети дека свесно и континуирано не постапувале согласно законските прописи за заштита, урбанистичко планирање и инспекциски надзор. Според Обвинителството, иако знаеле дека објектот во кој беше т.н. дискотека “Пулс“ е небезбеден и не ги исполнува законските услови за угостителска дејност, не презеле мерки за утврдување неправилности, санкционирање или затворање на објектот.

Исто така, според Обвинителството, тие не наредиле инспекциски надзор, не изготвиле програми и планови за работа на инспекторите, ниту ги известиле надлежните институции за незаконитото работење на објектот. Објектот немал одобрение за реконструкција, пренамена или употреба, ниту функционален паркинг, што создавало ризик за живот и здравје на посетителите и го попречувало пристапот на противпожарни возила.

Со непостапување според Законот за локална самоуправа, Законот за градење, Законот за инспекциски надзор, Законот за заштита и спасување и Законот за угостителска дејност, тие им овозможиле на обвинетите Јованов и Гроздан Милковски незаконито да вршат угостителска дејност и да плаќаат надоместок, иако објектот фактички работел како диско клуб, а не како кабаре. Според Обвинението, тие биле свесни за можните штетни последици, но се согласиле со нивното настапување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Љупчо Папазов не е инспектор, кажа адвокатот на поранешниот градоначалник на Кочани

Ратко Димитровски тврди дека тој бил единствениот што барал „Пулс“ да не добие лиценца за работа

Општина Кочани никогаш не побарала од обвинетите градежни инспектори да извршат контрола во „Пулс“, кажа нивната одбрана

Фото: Илијев/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести