Ден по чествувањето 106 години од формирањето на Универзитетот во Љубљана и 225 години од раѓањето на Франце Прешерн, на љубљанскиот Филозофски факултет, вчера беше промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи.
Претходно, ова капитално дело беше промовирано и на Универзитетот во Загреб, откако претходно се одржаа промоции и на универзитетите во Мадрид, Париз, Задар, Бања Лука и Скопје. Од вчера, колективната монографија веќе е во фондот на љубљанскдите библиотеки и ќе биде достапна за словенечките слависти и македоности.
Како што беше истакнато на вчерашниот настан, монографија со ваква методолошка рамка и концепција којашто ги поврзува книжевната историја, книжевната теорија и следствено поетиката и стилистиката, досега не е објавена за други јужнословенски книжевности и изданието за македонската книжевност се издвојува како единствено од овој формат досега.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ во присуство на пред љубљанските млади македонисти ја претстави Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамките на неговото гостување во чиишто рамки, во Словенија ќе се заокружи чествувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, како и со учество на манифестацијата „Прешерново оро“.
На Одделот за славистика на Филозофскиот факултет во Љубљана, Антоновски беше срдечно пречекан од Намита Субиото, којашто од 2004 година ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност, еден од најпосветените странски македонисти и годинешна добитничка на „Почесното Рациново признание“ на Рациновите средби.
Таа, на промоцијата, пред своите студенти отвори и повеќе суштински прашања за колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“, при што во разговор со Антоновски се поведе дискусија и за поетичките тенденции во современата македонска книжевност, периодизацијата и за актуелната книжевна сцена. Во своето излагање, Антоновски се осврна на содржината на изданието, концептот и структурата, како и на предизвиците при истражувањето и подготовката.
Инаку, колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е наменета за странската читателска публика и во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.
Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска и професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. Тошовиќ и Ковилоски се и редактори на монографијата.
Денес, на Филозофскиот факултет во Љубљана ќе се одржат и гостински предавања за македонската книжевност за деца. Иван Антоновски ќе одржи предавање за развојот на македонската книжевност за деца до почетокот на новиот милениум, а Ана Голејшка-Џикова којашто исто така гостува во Словенија ќе говори за новите тенденции. Попладнево, настанот „АД ХОК“, во градската библиотека „Отон Жупанчич“ во Љубљана ќе биде посветен на поезијата на Голејшка-Џикова, а разговорот со неа ќе го води Соња Цекова-Стојаноска, којашто е авторка на препевите на нејзината поезија на словенечки јазик. За време на поетското читање ќе настапи и саксофонистот Јошт Драшлер, а визуелниот приказ на поезијата на Голејшка-Џикова ќе го оствари илустраторката Полона Косец.Настанот ќе биде модериран од Петра Коршич, која е авторка и кураторка на серијата настани „АД ХОК“.
Утре, активностите ќе продолжат во Македонскиот културен центар Крањ, со централната манифестација „Прешерново оро“ – проект којшто веќе 20 години го спроведуваат МКД „Св. Кирил и Методиј“ од Крањ и Филозофскиот факултет во Љубљана.














