Од Националниот парк (НП) Шар Планина денеска на Фејсбук информираа дека на една од трап-камерите на територијата на Општина Боговиње се снимени мајка рис со младенче.
Од таму велат дека и двете се во одлична здравствена состојба, а со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од 1 на 3 единки.
Мајката го добила името Сибел. ![]()
-Балканскиот рис е територијално животно – секоја единка зазема голема територија, понекогаш и над 40 километри квадратни. Тоа значи дека на Шар Планина може да се очекуваат многу мал број стабилни единки, но секој ново потврден рис е огромен чекор напред за видот, посочуваат од таму.
Храната на рисот главно се состои од: срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови кои се дел од шумскиот екосистем.
-Популациите на неговиот плен на Шара полека но стабилно растат, што создава подобри услови за опстанок на рисот.
На територијата на НП Шар Планина ловот е целосно забранет, со што директно се придонесува кон заштита на рисот и неговиот плен, велат од таму.
Фото: МЕД/Видео: НП Шар Планина














