Ништо ново за Македонија на нејзиниот европски пат.
И во заклучоците на Советот на Европската унија (ЕУ) за земјите кандидатки за членство од земјата се бара да ги спроведе уставните измени, на кои се обрзала, за да може да се свика втората меѓувладина конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки или преведено да ги започне преговорите.
Во истите се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување и се потсетува на важноста од постигнувањето на видливи резултати и од „спроведувањето со добра волја на билатералните договори, вклучувајќи ги и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со Преговорачката рамка“.
Советот ја поздравува доследната соработка на Македонија по прашања од надворешната политика и нејзиното цврсто и долгогодишно целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на рестриктивните мерки, што според Советот е јасен сигнал за стратешката посветеност на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Советот меѓу друго ја повикува земјата и да ги интензивира напорите за унапредување на реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата, пред сè во областа на владеењето на правото, заштитата на независноста и интегритетот на судството и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Македонија се повикува и да усвои нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди.
-Советот забележува дека е постигнат одреден напредок во областа на реформата на јавната администрација и ја охрабрува Северна Македонија да ги интензивира своите напори во врска со модернизацијата на јавната администрација и обезбедувањето на потребниот административен капацитет.
Советот ги зема предвид информациите дадени од Комисијата за неодамнешниот постигнат напредок и ги охрабрува властите на Северна Македонија да ја подготват и финализираат на инклузивен начин работата на сите три патокази за функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и поглавјата за владеење на правото, како и на акцискиот план посветен на заштитата на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, стои во заклучоците.
Во заклучоците меѓу друго Македонија се повикува и на понатамошно зајакнување на основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување и се поздравуваат неодамнешните локални избори, за кои се вели дека била „генерално конкурентни, иако со некои процедурални недостатоци“.
Во однос на економските критериуми, се забележува доброто ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија и се охрабрува земјата да ги засили своите напори за зајакнување на својот капацитет за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во рамките на ЕУ и да ги спроведе потребните структурни реформи.
Унгарија ги блокира заклучоците
Унгарија ги блокира заклучоците на Советот на ЕУ за земјите кандидатки за членство, што во пракса значи дека оваа година Европскиот совет нема да има заклучок за рамката за проширување на Унијата.
И покрај блокадата, Брисел формира работна група за подготовка на нацрт-договорот за пристапување на Црна Гора и ќе ги преземе потребните чекори за интеграција на Украина и Молдавија.
Фото: Игор Бансколиев














