Со спроведената ревизија на финансиското работење и усогласеноста на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) за 2024 година, Државниот завод за ревизија утврди слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива, информираа од таму.
-Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет (603) и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности (787).
Ревизијата утврди слабости во евидентирањето на обврските на ФИТР, при што дел од обврските не се навремено и целосно прикажани во сметководствената евиденција.
Иако на 31. декември 2024, година обврските кон добавувачи во земјата се прикажани во износ од 853.964 илјади денари, односно 13.863.000 евра, со извршениот увид во приложената документација и од спроведените аналитички постапки се утврдени дополнителни неевидентирани обврски по различни основи и тоа: договори за дело, евалуација на проекти, надоместоци за управни тела, во вкупен износ од 9.369 илјади денари, односно 152.094 евра.
Извршен е попис само на обврските кон корисниците на финансиска поддршка за кои е одобрен квартален/завршен извештај од мониторинг, а не и на вкупно евидентираните обврски кон корисниците, поради што салдото на краткорочни обврски спрема добавувачи утврдено од страна на пописната комисија се разликува од салдото на обврски евидентирани во сметководствената евиденција со состојба на 31.12.2024 година за 488.343 илјади денари.
Овие состојби, заедно со отсуството на пракса за потврдување на салдата/состојбите на крајот на известувачкиот период со доверителите, не се во согласност со Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници и влијаат врз реалноста, објективноста и целосноста на финансиските извештаи, како и врз точноста на буџетското планирање за наредниот период, велат од Ревизија.
Со ревизијата е утврдено дека Годишната програма за работа на ФИТР за 2024 година, со исклучок на мерките и активностите од Столб 1 – Финансиска поддршка на приватниот сектор, не содржи финансиски показатели за вкупните средства и средствата по одделни мерки, инструменти и активности.
-Поради тоа што проектите од Столб 1 во најголем дел се реализираат подолго од една година, со Програмата не е дадена реална слика за потребните финансиски средства во 2024 година, ниту е наведено колкав дел од средствата се наменети за тековната година, а колкав за исплата на пренесени обврски од претходни години.
Дополнително, усвоената Среднорочна програма за работа за период 2025–2027 година не содржи динамика на повици, проекција за исплата на средства кон корисниците, ниту финансиски показатели по инструменти и по години, што влијае на транспарентноста на работењето и не овозможува оценка дали управувањето со буџетските средства е во согласност со буџетските начела утврдени со Законот за буџетите.
Годишната сметка и ревизорските извештаи од надворешна ревизија не се усвоени од страна на управниот одбор и Владата, а не е изготвен и доставен Годишен извештај за доделената државна помош до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Дополнително, ФИТР нема воспоставена централизирана база со податоци (софтвер) за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка.
Воедно, не се преземаат ниту мерки за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа.
Во спроведувањето на јавните повици е утврдено дека дел од вработените/ангажирани по договор за дело и членови на УО не секогаш потпишуваат изјави за судир на интереси, а директорот на ФИТР воопшто се нема изјаснето по основ на судир на интереси за јавните повици кои беа предмет на ревизија.
Во однос на регистарот на стручни лица за евалуација на проектите утврдено е дека не се води на начин утврден со подзаконските акти, при што не се преземени активности за категоризација и оценување на запишаните стручни лица во соодветни секции со цел да се избираат по систем на ротација.
За спроведените повици во 2024 година, на ревизијата не и беше обезбеден податок за начинот на избор на стручните лица за евалуација на проекти.
Во услови на не воспоставен соодветен Регистар, ревизијата утврди дека начинот на избор на стручните лица за евалуација на проектите не се врши во согласност со предвидените подзаконски акти, со што се создава можност од необјективно постапување при избор на стручните лица за евалуација на проектите.
Кај реализацијата на договорите за финансиска поддршка од избраниот примерок од 55 проекти утврдено е непочитување на роковите за достава на кварталните извештаи за напредок од страна на корисниците, како и ненавремена реализација на активностите, што е поврзано и со неисплатени средства кон корисниците од страна на ФИТР по одобрени квартални извештаи.
Исто така, утврдено е ненавремено одобрување на квартални/завршни извештаи за спроведени активности, а во периодот од декември 2024 година до јуни 2025 година не е извршен мониторинг, поради одолговлекување на постапката за јавна набавка на услуги за управување со проекти (мониторинг), што резултира со доцнење на исплатите кон корисниците и застој на реализацијата на проектите од страна на корисниците, велат од таму.
Врз основа на обезбедените податоци од ФИТР, утврдено е дека со состојба 31.12.2024 година ФИТР има неподмирени обврски за одобрени извештаи кон корисниците во вкупен износ од 349.378 илјади денари, додека неисплатениот износ на задржаните средства од вкупниот буџет на проектот со состојба 31.12.2024 година изнесува 14.070 илјади денари.
-Една од причините за неподмирените обврски кон корисниците е измената на буџетот на ФИТР, со која средствата на сметката субвенции и трансфери е намалена за 310.000 илјади денари, односно за 32%.
Со одобрена Годишна програма за работа на ФИТР, во текот на 2024 година се спроведени три јавни конкурси за следните инструменти: кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст, кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт ап и спин оф и кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации.
Согласно Заклучок на Владата од 28.06.2024 година, со препорака за прекин на сите тековни/активни огласи, УО на ФИТР има донесено Одлука со која се запираат сите активности поврзани со јавните конкурси.
До одржувањето на завршниот состанок со одговорното лице на ФИТР, ревизијата не доби сознание за препораки или одлуки на УО и на Владата по основ на овие јавни конкурси, што би имало влијание во понатамошното работење на ФИТР.
Ревизијата ја обелодени состојбата со сопственичката/управувачка структура на корисниците на финансиска поддршка. Имено, со анализата на портфолиото на финансираните проекти од ФИТР, утврдено е дека исти физички лица се јавуваат како управители и/или сопственици во повеќе правни лица кои добиле средства од ФИТР, често во ист или сличен временски период.
Овие лица преку различни фирми аплицираат и добиваат средства за различни проекти, што создава можност за паралелна реализација на повеќе финансирања во рамки на повици што не го ограничуваат ваквиот модел.
Иако не постои законска забрана или експлицитно ограничување за едно лице да учествува како управител/сопственик во повеќе апликации, истакнуваме дека добрите практики налагаат еднаква распределба на можности, намалување на концентрацијата на средства кај поврзани лица, обезбедување на ефективна реализација на секој индивидуален проект, а трошоците прифатени за кофинансирање мора да бидат реални, неопходни и директно поврзани со проектот и базирани на пазарни цени и независни трансакции.
Со ревизија на актите утврдено е дека единствено кај инструментот за комерцијализација на иновации, постои регулаторна клаузула со која не е дозволено аплицирање доколку апликантот веќе има активен проект.
Во моменталната правна рамка не постои обврска финансирањето да биде тематски или секторски ограничено и не постојат критериуми за приоритетно финансирање.
Со анализа на портфолиото на корисници на ФИТР утврдено е дека најголем број од проектите кои имаат добиено финансиска поддршка се од областа на информатичката технологија (26,91%) и инженерска технологија (16,36%).
Вкупната вредност на финансиската поддршка во овие две области изнесува 40.225.079 евра или 46,78% од вкупно доделените средства од страна на ФИТР.
Со извршената ревизија утврдени се неправилности во однос на евидентирањето на побарувањата по основ на ројалти (надоместок кој го добива ФИТР по основ на реализација на проекти за иновации или трансфер на технологии) и оперативна добивка и во начинот на водење на евиденцијата на корисниците по основ на обврските по завршување на проектот и наплатата на ројалти.
Кај инструментот „Комерцијализација на иновации“ и покрај договорната обврска за уплата на 5% од годишниот приход на корисникот остварен со продажба на производот/услугата кои се резултат на проектот, ФИТР нема механизамза потврда на висината на приходот од проектот, бидејќи тој често не се евидентира одвоено од страна на корисниците, ниту се уплаќа на посебна сметка.
Ревизијата ги обелодени резултатите од извршената анализа на документацијата на избраниот примерок од десет завршени проекти поддржани од ФИТР, со цел оценка на исполнетоста на обврските за поврат на финансиската поддршка и успешноста на проектите.
Од извршените проверки, утврдено е дека само три проекти остваруваат приходи, додека седум не остваруваат приход од реализираните активности.
Вкупното кофинансирање на ФИТР за проектите од примерокот изнесува 1.681.660 евра, од кои 387.804 евра се насочени кон проекти кои остваруваат приходи, а 1.293.856 евра кон проекти кои не остваруваат приходи, велат од таму.
Ревизијата препорачува ФИТР да воспостави механизам за следење на ефектите од доделените средства и наплата на приходите по завршување на проектите, со цел ефикасно користење на јавните средства и зголемување на придобивките од проектите.
-За утврдените состојби, ревизијата даде препораки за надминување на недостатоците и надлежните се задолжени да преземе соодветни мерки за нивна целосна имплементација.
Со донесувањето на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво на 29.07.2025 година се формира Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво, како правен наследник на Агенција за претприемништво и Фонд за иновации и технолошки развој, со што престанува да постои Фонд за иновации и технолошки развој, велат од таму.
Фото: Унсплеш














