Вчера во Кочани, по 47. пат родителите на загинатите во пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ маршираа низ градот и пред институциите, и уште еднаш побраа правда, порачувајќи меѓу друго дека овој судски процес е испит за правда и доверба во институциите.
-Правдата за нашите деца не ја бараме од одмазда. Ја бараме од почит кон нивните животи и одговорност кон сите идни генерации. Зад вас стојат граѓаните. Пред вас стојат доказите. А над сите нас стои вистината. Никој не е поголем од човечкиот живот.
Бараме вистинска правда, за никогаш да не се повтори, рече меѓу друго Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наумова.
Порачаа дека ќе продолжат со својата борба и дека нема да дозволат да бидат замолчени.
-Ние веќе не се радуваме на животот, туку на смртта, затоа што – што ќе ни е живот без нашите деца. Нема да престанеме да бараме правда, порача меѓу друго Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов.
Меѓудруго прашаа и зошто се уште нема обвинение за еден од предметите поврзани со трагедијата, а во кој се инволвирани и вработени во Управата за јавни приходи.
Видео: Радио Кочани/Фото: Архива/Игор Бансколиев














