Македонија2025 со задоволство информира дека е објавен Отворен повик за доделување на 20 стипендии за шестиот по ред Охрид Камп за високотехнолошка извонредност, кој ќе се одржи во периодот од 5 до 11. јули 2026 година воОхрид.
Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност е еднонеделна едукативна програма по кодирање, роботика и инженерско размислување, наменета за деца на возраст од 11 до 15 години од Македонија и од македонската дијаспора.
Кампот претставува уникатна комбинација на интензивно СТЕМ учење и летно искуство, кое ги поврзува младите преку знаење, тимска работа, креативност и културна размена, во инспиративниот амбиент покрај Охридското Езеро.
Едукативната програма за 2026 година се реализира во партнерство со Центарот за технологија, роботика и иновации (CTRI), Brainsterи iSourse, преку поддршката од MASIT-Македонската асоцијација за информатичко-комуникациски технологии. Програмата е осмислена како интензивно, практично и интерактивно СТЕМ-искуство, базирано на проектно и тимски ориентирана настава.
Во текот на Кампот, учесниците ќе работат со современи образовни роботски платформи и технологии, вклучително LEGO® Education и Fable robotics, преку кои ќе дизајнираат, програмираат, тестираат и унапредуваат сопствени роботски решенија.
Преку структуирани предизвици и конкретни мисии, децата ќе се запознаат со основите на алгоритамско и инженерско размислување, логика, системско размислување и решавање реални проблеми. Фокусот на програмата за 2026 година е ставен на поврзување на технологијата со реални општествени и еколошки предизвици, со цел поттикнување на иновативно размислување и создавање решенија со позитивно влијание врз заедницата.
Паралелно со техничките знаења, програмата активно ги развива и вештините за 21 век – критичко размислување, креативност, комуникација, лидерство и тимска работа. Кампот завршува со презентација и демонстрација на проектите и роботските решенија, изработени од самите учесници.
Покрај едукативниот дел, Кампот нуди и богата културна и социјална програма, која овозможува младите од Македонија и дијаспората да воспостават пријателства, да ја зајакнат поврзаноста со македонската култура, јазик и традиција, да го истражуваат природното и културното наследство на Охрид и да создадат трајни спомени.
Особено сме среќни што изминативе години успеавме да имаме учесници од САД, Канада, Словенија, Хрватска, Германија, Катар, Австрија, Данска, Кипар, Шведска, Малта, Франција и други земји, а се надеваме дека и оваа година ќе привлечеме учесници од уште поголем број земји ширум светот.
Во рамки на повикот:
- се доделуваат 20 целосни и/или делумни стипендии за учество на Кампот;
- право на аплицирање имаат деца на возраст од 11 до 15 години, со интерес за кодирање, програмирање и роботика;
- посебен акцент се става на учесници од социјално и економски ранливи семејства;
- Кампот е наменет и за деца од Македонија и за деца од македонската дијаспора;
- наставата и комуникацијата се одвиваат на македонски и англиски јазик, со цел поттикнување на интеркултурна размена и социјализација.
Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност, во изминатите години, се реализира под покровителство на Претседателот на Македонија.
Повеќе за Кампот, начинот на аплицирање и потребна документација: macedonia2025.com.
Рокот за аплицирање е 15. април 2026 година.
На следниот линк можете да ги осознаете импресиите на нашите поранешни учесници:
Промотивна објава













