На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани, сведочеше Петар Марковски (25), еден од повредените, кој се лекуваше во Словенија поради изгорени дишни патишта.
Тој во судницата во Идризово сподели информации, кои веќе се познати. Кажа дека пожарот настанал од пиротехниката и раскажа дека истиот се ширел со голема брзина, бидејќи целиот плафон бил од сунѓер.
Како и други претходни сведоци и тој кажа дека пиротехника во “Пулс“ се користела и порано, а тоа го знаел, бидејќи бил чест гостин во т.н. дискотека.
Дека плафонот бил од сунѓер знаел од порано и рече дека тоа било видливо.
Кобната ноќ во “Пулс“ бил со другари, а купиле билети од Тодор Јованов, братот на сопственикот на “Пулс“, првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, кој бил задолжен за тој дел од работата. Не добиле фискална сметка за картите.
За вратата зад шанкот во објектот, кажа дека се користела како излез за малолетници при полициски рации и потврди дека ноќта имало малолетници во „Пулс“.
По пожарот раскажа дека настанало стампедо и дека се онесвестил, а го разбудило девојче што го познавало.
-Врз мене имаше три лица кои исто така беа онесвестени и бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам. Потоа продолжив кон излезот. Во тој момент моите другари почнаа да викаат кон мене за помош, бидејќи еден од најдобрите другари лежеше на паркингот пред дискотеката. Во исто време помагав на сите на кои им беше потребна помош. , рече тој меѓу друго, посочувајќи дека никој не ги упатувал гостите како да ја напуштат “Пулс“ откако настанал пожарот и дека не се сеќава дали во објектот имало противпожарни апарати, но критичната вечер го видел Јованов како се обидува да го изгасне огнот со апарат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од колегите, само јас и Анастасија преживеавме, кажа Дејан Манасиев, шанкер во „Пулс“
Фото: Игор Бансколиев













