Од колегите, само јас и Анастасија преживеавме, кажа Дејан Манасиев, шанкер во „Пулс“

На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ сведочеше и Дејан Манасиев, кој работел таму како шанкер од 2012 година.

Тој е еден од повредените и се уште се бори со здравствени проблеми и со намалена сатурација. Се лекувал во Штип, Скопје и во Грац, Австрија.

Во неговото сведочење меѓу друго кажа дека само тој и неговата колешка Анастасија, од келнерите и шанкерите, го преживеле пожарот.

Посочи и дека сите вработени таму работеле без договор и без обука за заштита од пожар и дека од 2023 година бил осигурен на половина работно време.

Рече дека не видел кој ја активирал пиротехниката кобната вечер, а посочи дека за претходни настапи, за активирање на истата доаѓал човек од Скопје, кој вечерта не бил присутен.

Меѓу друго кажа дека видел противпожарни апарати на две места во објектот, а најверојатно имало и на уште едно место, но дека не се сеќавал дали имало хидранти за гаснење пожар во и пред објектот.

Рече и дека имало план за евакуација, дека во декември 2024 година имало контрола од Управата за јавни приходи и дека било утврдено дека една од касите не била исправна, но т.н. дискотека не добила забрана за работа.

Потврди и дека Тодор Јованов, брат на сопственикот на “Пулс“, првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, работел таму за дневница.

Тој беше сведок на Основното јавно обвинителство, а за сведок го предложиле и адвокати на одбраната.

Обвинителството реагираше на неговите искази, посочувајќи дека денешните се разликуваат од тие што ги дал за време на истрагата. Според Обвинителството при истрагата рекол дека задната врата кобната ноќ била заклучена, дека навел сосема друго време кога Јованов пристигнал во објектот, дал друга информација колку противпожарни апарати имало во “Пулс“ и дека не кажал дека лице од Скопје доаѓало да поставува пиротехника во т.н. дискотека.

На сведочењето на Манасиев, реагираа и родителите, посочувајќи дека е лажно и оти е со цел да го спаси Јованов.

На тоа тој одговори дека за овие работи се сетил подоцна, но дека не отишол во Обвинителството да ги сподели информациите.

Манасиев посочи и дека не се приклучува кон кривичниот прогон, но ќе бара отштетно побарување поради сериозните повреди.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Никој освен Панчо не повика да се напушти “Пулс“ по пожарот, кажа Стево Манасиев, кој порано работел таму како диџеј

Никој не ги упатувал гостите како да ја напуштат “Пулс“ откако настанал пожарот, кажа сведокот Петар Марковски

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести