Собранието лани го посетиле 11.328 посетители, што е досега најголем број посетители по воведување на можноста за организирани посети во 2014 година, информираат од таму.
„Организираните тури се наменети за ученици, студенти, граѓански организации и други заинтересирани групи и вклучуваат едночасовна обиколка со водич низ просториите на Собранието, запознавање со неговата историја, надлежности, начин на функционирање и значењето на самата институција.
Бројот на организирани посети изнесува 239, при што најголем дел од нив биле реализирани во месец мај. Организираните посети се реализирани со ученици, студенти, граѓански организации, странски делегации, како и самостојно организирани групи на граѓани,“ велат од таму.
Како највпечатлива просторија меѓу посетителите најчесто се издвојува Охридската сала, уредена со резба со народни мотиви, која се користи од страна на претседателот на Собранието за состаноци со координаторите на пратеничките групи, протоколарни активности, потпишување на изјави и други настани.
Организираните обиколки опфаќаат посета и на Пленарната сала, салата „Борис Трајковски“, салата „Длаборез“ (како дел од Кабинетот на претседателот), Кристалната сала, Салата на Уставната комисија и други простории на Собраниската зграда.
„Собранието и Парламентарниот институт ги повикуваат сите заинтересирани граѓани, училишта, факултети и организации да ја искористат можноста за посета и да го доживеат Собранието одвнатре“, велат од таму.
















