Во Клиника Жан Митрев успешно оперирана 60-годишна пациентка со комплексен тумор на базата на черепот

Неврохируршки тим на Клиника Жан Митрев успешно изврши операција на 60-годишна пациентка кај која беше дијагностициран комплексен тумор на мозокот, лоциран на базата на черепот и во непосредна близина на витални мозочни крвни садови.

Интервенцијата ја изведе неврохируршкиот тим во состав проф. д-р Владимир Рендевски и д-р Михаил Таушанов, при што беше применета микроневрохируршка техника за прецизно и безбедно отстранување на туморот.

„Имавме шеесетгодишна пациентка со дијагностициран тумор на мозокот, локализиран во десниот темпорален резен, прилепен врз черепната бараза и врз свеноидалниот гребен во непосредна близина на десната внатрешна каротидна артерија и нејзините гранки. Со колегата д-р специјалист Михаил Таушанов направивме целосно оперативно отстранување на туморскиот процес со користење на микроневрохируршки пристап и оперативен микроскоп и притоа со максимално можно зачувување на виталните мозочни артерии“, објасни проф. д-р Рендевски. 

Пациентката беше примена со прогресивна психомоторна забавеност, проблеми со меморијата и памтењето во изминатите четири месеци, како и епизоди на нарушена рамнотежа и падови. По направените радиолошки иследувања со нуклеарна магнетна резонанца, беше потврден туморски процес во мозокот, по што беше поставена индикација за оперативно лекување.

Пациентката е во стабилна состојба и успешно се опоравува по оперативниот зафат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести