Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), од следењето на доделувањето пари од Владата за инфраструктурни проекти во општините во 2024 и 2025 година.
„Одобрените средства од Владата за општините од т.н. унгарски кредит беа значајна „инјекција“ за општините во предизборните месеци, зголемувајќи ги просечно: за 92% – износите на капитални расходи во буџетите на општините за 2025 година, во однос на реализацијата од 2024 година; за 37% – буџетите за 2025, во однос на реализираните буџети за претходната година, и за 40% – јавните набавки на општините во 2024 година, во однос на 2023 година,“ стои во истражувањето.
Во истражувањето се вели дека средствата не биле рамномерно распределени на општините, ниту по број на жители, ниту по износ.
„Најголем дел од градоначалниците интензивно ги промовираа проектите во годината на локалните избори и во предизборието. За разлика од засиленото промовирање на проектите на почетокот, во 2024 и во 2025 година, речиси немаше слични јавни известувања и за значителното намалување на парите за проектите, по локалните избори, ниту образложение за причините за кратењето на средствата.
Проектите беа квалификувани како „развојни“, бидејќи е предвидено нивно финансирање во тригодишен период иако значаен дел од нив се поправки, реконструкции или изградби на улици и слични локални инфраструктурни зафати. Отсуствуваат јасни информации како ќе се врши плаќањето на фирмите во период од три години, а за завршените проекти во 2025 година.
Најголем дел од огласите за јавни набавки за првата транша на проектите предвидуваа кратки рокови за изградба на проектите, најчесто до октомври 2025 година, односно до месецот на одржување на локалните избори. Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите,“ се вели во извештајот.
По општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, им беа одобрени на Битола (5,6 милиони евра), Тетово (5,5 милиони евра), Куманово (5,3 милиони евра) и Аеродром (5,3 милиони евра), а блиску до нив е и Прилеп (4,4 милиони евра).
По жител, највисоки износи се одобрени за: Демир Капија (99 евра), Желино (82 евра), Свети Николе (79 евра), Градско (78 евра) и Кратово (76 евра).
Најмалку пари по жител има за: Град Скопје (0 евра), Струмица (16 евра), Сарај (23 евра), Центар (41 евро) и Кичево (49 евра).
Само за 11 проекти (нецел 1 %), односно 4,3 милиони евра (нецели 3 %) од средствата може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи. Вакви проекти имаат 9 општини и од 11-те проекти, 10 се за млади, 1 за маргинализирани групи, и ниту еден за жени.
Во значаен дел од анализираните општини се забележува доминација на една или на неколку фирми кои ги добиле договорите за јавни набавки за изградба на проектите, се вели во извештајот.
Фото: Унсплеш














