Во сабота (25. април), на Саемот на книгата, од 17 часот ќе гостува холандскиот автор на книгата „Ѕверовите“, Хајс Вилбринк.
Настанот е во организација на Издавачкиот центар ТРИ на чијшто штанд ќе се одржи промоцијата, а преводот од оригиналниот јазик е на Зоран Радически. Промотор ќе биде Дарко Лешоски, современ и познат македонски книжевник и поет.
Хајс Вилбринк е добро познато име на квалитетната фикција во холандската литература. Неговиот роман „Ѕверовите“ е преведен на повеќе светски јазици, а македонскиот превод се очекува да биде дел од саемските хитови на 2026 меѓу изданијата на ТРИ. Токму овој роман беше книжевниот пробив на авторот во светот. Сместен е во пограничен пејзаж инспириран од детството на писателот во рурална област во Холандија.
Приказната следи една семејна драма откривајќи ги темните страни на судбината. Том Келер припаѓа на најозогласеното семејство во област полна со ловокрадци, фарми за ласици и други сомнителни активности, кои главно се припишуваат на неговите сурови чичковци. Тој расте како нивен чирак во таа средина полна со тајни, останат без мајка, со татко повлечен во својот свет. Но Том е благословен со извонреден талент за мотокрос.
Кога како возрасен човек одеднаш исчезнува во потрага по одговори за некогашната несреќа во која ја изгубил ногата, неговата бунтовна ќерка се враќа во родното место. Тогаш се случува пресвртот во романот што Вауке ван Шеренбург го нарече „редок бисер што ве зграпчува од првата реченица“. „Нордоланс дагблад“, регионалниот дневен весник од Холандија, пак, за „Ѕверовите“ изјави: „Диво, сурово и привлечно со уникатен стил… Јазикот на Вилбринк плени, блеска и ве освојува од првата страница“.
По промоцијата ќе следува и потпишување на кое се добредојдени сите заинтересирани. Настанот е од отворен карактер и претставува уникатна можност за љубителите на квалитетната книжевност одблизу да се запознаат со творештвото на Вилбринк. Од ТРИ ги покануваат сите читатели на несекојдневно доживување.
Промотивна објава













