Ако немаше замена на влезните со нараквици, концертот воопшто немаше да се одржи, рече на денешната прес-конференција Бобан Милошески од Авалон продукција, која беше одржана заедно со претставници од Министерството за внатрешни работи (МВР), по повод утрешниот концерт на Дејвид Гета на Градскиот стадион.
Тој додаде дека користењето на нараквиците треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето, поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот. Ако проверката останала само на карти истото ќе одземело екстремно многу време и, како што наведе, сигурно 70% од публиката не би можела да влезе на стадионот во предвиденото време.
„Ова е сепак пионерски обид и за нас како организатори и за полицијата како полиција, посебно за инфраструктурата каква што е таа со којашто располагаме,“ рече тој.
Организаторот упати апел до сите кои имаат влезници, а не ги замениле со нараквици, тоа да го направат во текот на денешниот ден и порача посетителите на концертот да бидат навреме пред Градскиот стадион.
„Значи, ве молам, ако вратите се отвораат во 17 часот, како секаде во светот на фестивали ќе има и други ди-џеи пред Давид Гета, да доаѓаат луѓе навреме пред 17 часот кога ќе се отворат вратите, бидејќи, повторувам, немојте после да плукате по организаторот, немојте после да плукате по полицијата затоа што биле затворени улици, итн..
Нема теоретска шанса 50.000 луѓе да влезат, да се приближат до стадионот, ако тоа не се прави барем четири-пет часа. Во два часа тоа е технички невозможно да се направи и затоа е оваа прес-конференција“, рече Милошески.
Претставниците на МВР акцентот го ставија на безбедноста на публиката до која апелираа да ги почитува насоките што ќе ги даваат полициските службеници, како и од редарската служба, од агенциите за приватно обезбедување, како и насоките дадени од самиот организатор.
„Станува збор за настан од голем обем, со голем број посетители, при што безбедноста на граѓаните, непреченото одвивање на концертот и заштитата на јавниот ред и мир се наш приоритет.
Мерките се насочени кон превенција, навремено постапување и создавање услови посетителите безбедно и непречено да присуствуваат на настанот.
Во интерес на безбедноста, апелираме до сите посетители да ги почитуваат упатствата на полициските службеници, редарската служба и организаторот, да пристигнат навреме и да не носат предмети кои се забранети за внесување на вакви настани,“ велат од МВР.
За утре е предвиден посебен режим на сообраќај на приодите кон арената „Тодор Проески“ и на дел од булеварот „Илинден“.
За концертот на Дејвид Гета се очекуваат 50.000 посетители од државата и регионот. По концертот на „Металика“ во Атина, овој е втор најголем на Балканот.
Замената на влезниците за нараквици денеска ќе биде до 23 часот, а утре од 10 до 17 часот.
Фото: МВР














