Бугарската редакција на „Еуроњуз“ пред неколку денови објави интервју со известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, направено пред седум недели, откри Вајц во интервју за Канал 5.
Делови од интервјуто во Македонија пренесоа и дел од македонските медиуми, а на констатициите за напредокот на европскиот пат на земјава на Вајц во интервјуто се „налепија“ и политички партии.
Тој во истото меѓу друго оценува дека Македонија залудно потрошила една година и дека немало никаков напредок во спроведувањето на реформите потребни за членство во Европската унија.
Вајц за Канал 5 вели дека оценките дадени на почетокот на март ја одразувале тогашната состојба, а сега по седум недели, Македонија имала напредок во реформите.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Бев малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, вели Вајц за Канал 5.
Фото: Влада














