Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – март 2026 година, изнесува 123 222.8 милиони денари и бележи пораст од 3.76% во однос на истиот период од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – март 2026 година, изнесува 171 926.4 милиони денари, што е за 0.60% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.
Во периодот јануари – март 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 49.8% во вкупниот обем на размената.
Земјите членки на Европската унија учествуваат со 58.6% во вкупната размена.
Фото: еМагазин














