За инвеститорите да се одлучат да инвестираат, потребно е правилата на игра да се стабилни и јасни, брзина и флексибилност бидејќи нема да чекаат долго, доколку правилата се крути.
Инвеститорите бараат конзистентна регулаторна политика, предвидливост и сигурни места за својот капитал, беше порачано на панелот „Инвестициски граници-зошто сега, зошто тука?“ кој што се одржа во рамките на Самитот Македонија2025.
Ентони Суливан од Whitesheld истакна дека во време на една геополитичка нестабилност, на компаниите покрај вештини, знаење иновации, потребна им е и отпорност.
„Се соочуваме со војни кои никој не ги очекувал, тарифите паѓаат, растат, па паѓаат, има прекини во синџирите на снабдување. Глобалните правила не се релевантни, повеќе е како на див запад. Потребно е компаниите да пратат, за поефикасно да се справат со ризиците,“ истакна Суливан.
Во однос на привлекувањето на инвестициите тој посочи дека важно е овде да се развиваат иновации во зеленото производство и обновливи извори на енергија, ветер и сончева енергија.
„Ова е важно зашто е клучно кога зборуваме за отпорност во контекст на енергетската криза. Што сте енергетски позелени, така сте попривлечни за најдодбите компании, бидејќи сакаат зелено производство,“ додаде тој.
Сели Јанјан од BakerHostetler рече дека прво нешто што инвеститорите го прават кога се одлучуваат да инвестираат во одредена држава е што бираат да работат со локална адвокатска канцеларија и локално сметководствена фирма. Но она што е најважно е да се најде вистинскиот човек кој ќе ја води компанијата.
„Секогаш ставаат свој човек, за да работи со локалците, битно е да имаат познат етаблиран систем. Сигурноста и предвидливоста се клучни. Наместо за најевтини региони, компаниите размислуваат за исклучување на ризици, бидејќи во несигурно геополитичко опкружување се борат за преживување,“ рече Јанјан.
Том Клеин, кој е бизнис консултант од Германија, вели дека во земјата се случува најтешката економска криза по Втората светска војна, кои сами си ја предизвикаа.
„Се затвораат погони, фабрики, се отпуштаат луѓе, се бараат подобри локации за преселба на капиталот, тоа е една апсолутма катастрофа. Малите и средните претпријатија бараат начин како да преживеат. Имаат регулаторни тешкотии и бараат места каде што полесно ќе работат, ќе го преселат капиталот и ќе го претворат во видлив,“ вели Клеин.
Тој го посочи проблемот со цели слоеви регулативи кои ги парализираат брзите одлуки. Од неговото искуство со клиентите, Клеин ја потенцираше брзината посочувајќи ја Кина како добар пример во брзината на испораките. Во споредбата помеѓу Кина и Европа ја истакна големата културолошка разлика.
Клеин истакна дека за германските компании да инвестираат во државата, многу е важна личната доверба.
„Ако се уверат дека работите посветено, голема е шансата да соработувате со нив. Може да им дадете брзина и флексибилност кои го изгубиле по пат. Бараат доверба заснована на процес и пристојност. Ако се совпаѓате со нивниот процес имате големи шанси за соработка,“ рече Клеин.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Македонија2025














