Со новото решение на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, усвоен во Собранието, секој граѓанин со изјава кај матичен лекар може да одлучи дали би ги дарувал органите по својата смрт.
Министерот за здравство Азир Алиу, изјави дека изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, безбедно и со двојна верификација.
„Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ги почитуваме личната слобода и волјата на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители.
Ќе знаеме каде има поголема информираност, а каде постојат страв, недоверба или недоволно знаење за органодарителството. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот кој ќе се регистрира како органодарител,“ изјави Алиу.
Од Министерството за здравство соопштија дека новите законски решенија овозможуваат појасно изразување и евидентирање на личната волја на граѓаните за дарување органи, како и проширување на можностите за лекување преку трансплантација.
Со измените се отстрануваат и дел од административните пречки во системот, со цел процесот на органодарителство и трансплантација да биде пофункционален, поефикасен и подостапен за пациентите на кои им е неопходно вакво лекување.
Фото: Unsplash














