Контролата на летање на аеродромот Скопје доби нов систем за менаџирање на авиосообраќајот – АТМ.
Новиот АТМ систем е од исклучително значење за работењето на акционерското друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација (М-НАВ) АД Скопје, затоа што со него се создава стабилна и современа основа врз која треба да се развива целиот систем во воздухопловната навигација.
Со новиот АТМ систем, освен што се стабилизира М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација, се обезбедува повисоко ниво на сигурност, континуитет во давањето на услугите, а овие работи се особено важни периодов во кој бројот на прелети над македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст, потенцираше директорот на М-НАВ, Владимир Ристески.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше и дека новиот радар веќе е поставен на Контролната кула на аеродромот во Скопје. Во моментов се вршат потребните тестирања, а се очекува системот целосно да биде ставен во функција во текот на септември или октомври годинава.
Фото: Министерство за транспорт














